По втор пат годинава, во мај, повеќе од 1.5 милиони млади луѓе ги напуштија училиштата, универзитетите и колеџите за да учествуваат на најголемиот протест за преземање мерки против климатските промени.
Претходно младите вака масовно протестираа против војната во Ирак во 2003 година – но овие протести денес предводени од децата се случуваат со невиден интензитет на глобално ниво. Итноста на нивните протести го одразува тесниот временски рок за можноста да се направи позитивна промена.
Џејк Вудиер од Младинската коалиција против климатските промени во Велика Британија верува дека протестите ја реконструираат политичката сфера. „Децата кои историски гледано немале глас во политиката, ги наметнуваат своите мислења во јавниот домен. Гледаме илјадници интелегентни деца кои ја разбираат сериозноста на климатската криза подобро од возрасните на власт“, вели Вудиер.
Дилан Д’Хејз, 16, Вашингтон

„Фрустрирачки е што го имаме Трамп кој ја предводи нашата влада, а ги негира климатските промени“, Дилан Д’Хејз, 16, Вашингтон
Оваа есен, Дилан ќе го издаде четвртиот еколошки документарец насловен „Децата можат да ја спасат планетата“.
„Снимањето филмови ме охрабрува бидејќи можам визуелно да ги прикажам проблемите и решенијата на начин што претставува многу полесен за разбирање“, вели Дилан.
Неговиот последен филм е повик за новата генерација да преземе акција на следните избори во САД кои се закажани за 17 месеци.
Според Дилан, главната пречка е обидот да се убеди владата и големите корпорации дека климатските промени се сериозен проблем.
„Повеќето од нив сакаат да направат брзи пари, место да размислат како ќе изгледа нашиот свет за следната генерација.“, додава Дилан.
Дилан за Трамп вели, „Фрустрирачки е кога имаме човек кој ги негира климатските промени, а истиот ја предводи нашата влада – тоа се два чекори назад од каде што треба да бидеме во моментов.“
Првото нешто што го погодило Дилан било загадувањето на океанот кое го воочил патувајќи низ Калифорнија пред три години. „Пластиката која ја видовме на плажите навистина ме заплаши, па мајка ми предложи да направам нешто за тоа, место да бидам исплашен“.
Јола Мгогвана, 11, Кејп Таун, Јужна Африка

Јола Мгогвана, 11, Кејптаун, Јужна Африка
„Ги гледам ефектите на климатските промени секојдневно. Времето не е нормално – еден ден е топло, другиот ден истура дожд. Тоа претставува голем проблем за земјоделците, а лизгањето на земјиштето ги збришува нивните куќи, оставајќи ги сиромашните фамилии без дом“.
Пред 18 месеци, Кејптаун се соочи со најголемата суша во последниот век. Достапната вода за пиење за жителите била ограничена на 50 литри дневно.
„За мене, тоа е голем знак дека треба да го промениме начинот и да застанеме во одбрана на природата – затоа што нашата влада сака да прави профит од животната средина, наместо да ги имплементира политиките што ќе ја штитат“, вели таа.
Таа бара итна акција од властите во Јужна Африка. „Нема да прифатиме да живееме во страв и опустошување. Кризата е сега. Луѓето умираат.“
Ејми, 15 и Ела Мек, 13, Нотингемшир, Велика Британија

Ејми, 15 и Ела Мек, 13, Нотингемшир, Велика Британија
Сестрите Ејми и Ела се на мисија да ги охрабрат луѓето, бизнисите и училиштата да го намалат пристапот до пластиката за еднократна употреба. Пред три години, тие учеле за 17-те цели на ОН за одржлив развој. Шокирани од влијанието на пластиката врз морскиот животински свет, тие одлучиле да преземат акција. Ја започнале кампањата „Деца против пластика“.
Како дел од 250-те британски #iwill амбасадори за младинска социјална акција, сестрите неодамна се сретнаа со секретарот за животна средина, Мајкл Гов, за кој велат „Тој делуваше заинтересирано за тоа што децата како нас го прават, но политичарите имаат многу работи на нивната „чинија“, па затоа може да е тешко за да се инволвираат“, вели Еми.
Лили Плат, 11, Холандија
Лили пред 4 години почнала да го збира ѓубрето секогаш кога тргнувала и си заминувала од училиште, често збирајќи и до 400 парчиња ѓубре. Тоа почнала да го прави откако таа и нејзината фамилија се преселиле во Холандија. Откако почнала да учи да брои на холандски, како што пешачеле со нејзиниот дедо, изброиле 91 парче ѓубре за 15 минути.
„Дедо ми ми објасни како пластиката што се наоѓа на улиците евентуално ќе го „најде патот“ до океаните. Така одлучив да направам нешто околу тоа. Го собиравме ѓубрето, правевме фотографија од тоа и го објавуваме на социјалните мрежи“.
Лили верува дека сите училишта треба да ги учат своите ученици за климатските промени и дека политичарите мора да обратат внимание на научниците и демонстрантите. Таа од септември, 2018 година, излегува на протести пред општинската зграда на Зајст.
„Што му се случува на твоето тело кога ќе се покачи температурата за два степени од нормалата? Се чуствуваш изнемоштено, па замисли како би се „чуствувала“ планетата. Сакаме светските лидери, вклучувајќи го и Трамп, да се држат до Парискиот договор и да ги намалат емисиите на јаглероден диоксид“, вели таа.
Извор: Гардијан