Започнуваат уписите во средните училишта

Започнуваат уписите во средните училиштаПрвиот уписен рок во јавните средни училишта се одржува денеска и утре. Вкупно 34.971 место се обезбедени за упис во овие училишта во учебната 2013/2014 година.

Од посочените места 22.694 се за стручно образование, 11.597 во гимназиско, 408 во уметничко образование и 272 ученички места во спортска гимназија.

Според јазикот на кој ќе се изведува наставата, 24.029 места се за ученици на македонски наставен јазик, 10.092 места на албански јазик, за турски јазик 816, а 34 места за учениците кои ја следат наставата на српски јазик.

Настава по нови реформирани наставни планови и програми во тригодишното стручно образование ќе се следи во 19 средни училишта во 14 општини земјава, во вкупно 25 паралелки на македонски, албански и турски јазик. Експерименталната програма за фудбал, ракомет, кошарка и тенис ќе се реализира во Државното училиште за физичка култура “Методија Митевски Брицо” во Скопје.

Пријавувањето и запишувањето на учениците ќе се врши во два уписни рока, јунски рок со две пријавувања и августовски рок со едно пријавување. Првото пријавување и запишување на учениците во јунскиот рок ќе биде денеска и утре, а резултатите од запишувањето и сло­бод­ните места ќе се објават на 26 јуни.

Второто пријавување од јунскиот уписен рок и запишување на учениците ќе се врши на 1 и 2 јули, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават на 4 јули.

Во Августовскиот рок ќе има едно пријавување и тоа на 22 август, а резул­та­тите од запишувањето на учениците и слободните места ќе се објават на 23 август.

Училиштата кои во двата уписни рока нема да ги пополнат утврдените ученички места за запишување со овој Конкурс, продолжуваат со запишување на учениците до 30 август 2013 година.