Министерството за животна средина и просторно планирање во рамките на кампањата „Македонија без отпад“, ќе ги започнува акциите за чистење на диви депонии во повеќе општини во државата.
Акциите ќе започнат на 21 октомври 2016 година и ќе се спроведуваат во тек на повеќе денови по општина, во зависност од големината на дивите депонии.
Идејата е првично да бидат вклучени општини каде има туристички центри, заштитени подрачја, по должина на речни сливови, извори и покрај магистралните и регионалните патишта.
Во првата фаза на активностите вклучени се општините Босилово, Градско, Дебар, Крушево, Маврово, Ново Село, Ресен, Росоман, Сарај и Тетово.
Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека очекуваат преку вакви конкретни теренски активности значително да се подобри состојбата со непрописното одложување на отпадот и намалување на неговото штетно влијание.
По расчистувањето на сите локации, ќе бидат уредени и позеленети, со што не само што ќе се оплемени животната средина, туку ќе се подигне и јавната свест за потребата од соодветно одложување на отпадот.