Од „Субверзивен фронт“ известуваат дека телефонскиот број (075 241124) е достапен за сите заинтересирани лица кои сакаат да добијат советување, помош или поддршка на територијата на државата, без потреба за споделување на нивниот идентитет.
Линијата е отворена за ЛГБТИ+ лицата од сите возрасти, нивните семејства, пријатели, но и стручни тимови од училиштата и центрите кои имаат контакт со ЛГБТИ+ лца или млади кои се чувствуваат збунето во врска со нивната сексуална ориентација или родов идентитет.
Булингот на училиште, прашања и грижи за соопштување на сексуалната ориентација или родовиот идентитет, релациски проблеми се само дел од темите на кои ќе може да се зборува на линијата за поддршка.
Истовремено, со советникот на линијата ќе може да се споделуваат ситуации на депресивно расположение, вознемиреност, проблеми на работното место, дискриминација, позитивен ХИВ статус, н и прашања поврзани со безбеден секс и суицидни мисли.
Советувачите на линијата се стручни лица, односно психолози, социјални работници и психотерапевти кои обезбедуваат сигурна средина за лицата на кои им е потребен совет, кои се обврзуваат на професионалност и доверливост преку договор и изјава за доверливост.
Линијата е финансирана од заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Horizontal Facility II за Западен Балкан и Турција 2019 – 2022“ и со поддршка од Министерство за труд и социјална политика.