Започнува шестиот Европски БЕСТ инженерски натпревар

БЕСТ Скопје го најавува шестото издание на овогодинешниот студентски инженерски натпревар EBEC Skopje кој се отржува од 17 до 19 февруари под  слоганот  „Solve the puzzle, be a part of EBEC“.

Првиот од трите натпреварувачки денови е резервиран за форумска расправа, додека останатите два се натпреварувачки денови во две категории: Case study и Team design.

EBEC – European BEST Engineering Competition или Европскиот БЕСТ инженерски натпревар, е настан за  поттикнување на креативното размислување за решавање на комплексни проблеми.

Преку овие натпревари БЕСТ се труди да им овозможи на студентите да ги истакнат своите способности за креативно решавање на инженерски проблеми, а на компаниите соработнички им овозможува директен контакт со најдобрите студенти и одлична шанса за нивна регрутација.

Натпреварите не се задржуваат само на локално ниво, туку постојат уште две дополнителни етапи. Победниците на локалното ниво одат понатаму на регионално ниво, од кадешто имаат шанса да одат на крајното европско ниво. Овие натпревари се спонзорирани од познати интернационални компании кои имаат повеќегодишна традиција на соработка со БЕСТ како студентска организација.

Досега во Скопје се организирани пет локални инженерски натпревари на кои учествувале над 250 студенти, а заинтересираноста и бројката на пријавени достигнува и над 600 студенти.