Пред главниот влез на цементарницата Титан Усје денеска започна мирен собир на граѓани кои ги испраќаат своите протестни барања обединети под паролата „Без Усје полесно се дише“.
Станува збор за прва блокада организирана директно пред фабриката, поради што настанот е симболично насловен како „блокада фест“. Граѓаните велат дека со протестот сакаат да укажат на, како што посочуваат, долгогодишните проблеми поврзани со загадувањето и влијанието врз животната средина.
Од Иницијативата „Стоп за Усје“ апелираат собирот да помине во мирна и достоинствена атмосфера, без инциденти и провокации.
„Ги повикуваме сите граѓани на одговорно однесување. Да покажеме дека знаеме гласно, но културно да ги искажеме нашите барања“, порачуваат од иницијативата.
Во моментот пред влезот на фабриката се одвива мирно собирање на граѓаните, без нарушување на јавниот ред и мир. Организаторите информираат дека поголемо и позначајно присуство се очекува во подоцнежните часови, кога по завршувањето на работното време повеќе граѓани ќе можат да се приклучат и да ја дадат својата поддршка на протестот.
Засега нема информации за промени во сообраќајниот режим во околината на фабриката.



