Првата вечер од второто издание на фестивалот „Културен амалгам“ започна во Културно информативен центар (КИЦ) во Скопје на 15 јули со впечатлив настан, обединувајќи фотографија, документаристика и уметнички експеримент во еден културен мозаик. Публиката во КИЦ Скопје имаше ретка можност да ја проследи изложбата „ФотоСинтеза“, која претстави над 40 автори од Романија специјализирани за алтернативни фотографски техники како цијанотипија, вандајк и гум-бихромат. Делата беа силно поетични, но и технички прецизни, нудејќи свежа перспектива на историските процеси во современ контекст, раскажуваат организаторите на „Културен амалгам“.
„Веднаш потоа, беше прикажан документарниот филм ‘Манaки – Приказна во слики’, режиран од Роберт Јанкулоски, кој со внимателно истражена нарација и автентични фотографии нè врати во времето на првите балкански кинематографери, преку факти кој ретко кој ги знаел. Филмот остави силен печат врз публиката со својот достоинствен пристап кон културното наследство, давајќи историски контекст на приказната. Со ова, фестивалот започна како што и најави: со јасна визија, културна длабочина и отвореност кон интердисциплинарна уметност“, истакнуваат од фестивалот.
Патувачкиот фестивал „Културен амалгам“ вечерва, 26 јули, продолжува во Градскиот музеј на Крива Паланка, со почеток од 20 часот. Публиката ќе има можност да ја проследи ревијалната изложба „ФотоСинтеза“, која прикажува редок избор на алтернативна фотографија од фотоклубот „Ирис“. Техники како цијанотипија, гумоил и вандајк ќе бидат изложени преку дела на над 40 автори, кои го оживуваат минатото со современа чувствителност.
По изложбата, исто така, ќе следува и проекција на документарниот филм „Манaки – Приказна во слики“, посветен на животот и делото на пионерите на балканската фотографија – браќата Манаки. Настанот е бесплатен и отворен за сите љубители на уметноста, културата и фотографијата.
Следна станица за фестивалот е Куманово, Центар за култура „Трајко Прокопиев“, на 7 август.
Инаку, КИЦ Скопје започнува нов, патувачки фестивал со цел да поттикне децентрализација на културата во Македонија и да воспостави трајна соработка меѓу културните институции низ земјата. Фестивалот, наречен „Културен амалгам“, има интердисциплинарен и мултимедијален карактер и ќе се одвива во различни градови и културни установи, започнувајќи со Крива Паланка и Куманово.
„Целта е да се заживеат локалните простори преку изложби, проекции, работилници и трибини, како и да се создадат нови услови за самоорганизирано културно делување. Годинешната тема е фотографијата, со фокус на нејзиниот историски развој и алтернативни техники кои повторно стануваат актуелни. Проектот има и амбиција да се прошири на регионално и меѓународно ниво“, велат од КИЦ.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура и туризам на Македонија.