Започна летниот универзитет „Сеќавање и меѓукултурен дијалог” на ФОН

Од 17 до 22 јули во Скопје се одржува летниот универзитет на тема „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“, организиран од страна на АЛДА, Европската Асоцијација за Локална Демократија и универзитетот ФОН. Меѓународниот универзитет беше официјално отворен денес на универзитетот ФОН, каде ќе се одвива еднонеделниот настан.

„Сеќавањето на страдањето на луѓето во минатото честопати е заборавено. Важно е да се соочиме со сеќавањето на минатото за да се создаде европски спомен за време на овој универзитет“, изјавиКристијан Тимоние, амбасадор на Франција во Македонија.

Покрај амбасадорот, на официјалното отворање присуствуваа ректорот на Универзитетот ФОН д-р Нано Ружин, Јон Ивановски, претставник од Централноевропската Иницијатива – ЦЕИ и Ивана Петровска, директор на АЛДА Скопје.

„Забележувам присуство на набљудување на Балканот низ балкански очи. Дијалогот е возможен кога никој не го доминира другиот, кога низ поглед барате пријателство, запознавање“, порача проф. др. Нано Ружин, ректор на универзитетот ФОН, кој е предавач на летниот универзитет.

Летниот универзитет има цел да им понуди можност на учесниците да учат од настаните во минатото, да дискутираат за моменталните предизвици и да развијат вештини во меѓународна околина. На него ќе учествуваат 30 учесници од 7 земји од Балканот и Франција, кои ќе присуствуваат на предавања, работилници и посети на локации со историско значење во градот. Предавачи на летниот универзитет ќе бидат професори од ФОН универзитетот и професори од Франција.

„На Балканот, проблемот со поврзаноста на културите е присутен. Кога ќе се реши проблемот со поврзаноста, останува да се зачува различноста“, изјави Ивановски.

Меѓународниот универзитет „Сеќавање и меѓукултурен дијалог“ се организира од страна на Европската асоцијација за локална демократија – АЛДА и универзитетот ФОН. Летниот универзитет на АЛДА 2017 финансиски е поддржан од Централноевропска иницијатива – ЦЕИ, Децентрализираната соработка помеѓу регионот Нормандија и Македонија и Европската Унија, а се организира во рамките на соработката помеѓу Нормандија и Македонија, Балканската регионална платформа за младинско учество и дијалог и проектот ЛАДДЕР.