Храна за домашни миленици која содржи остатоци од загрозени ајкули им се продава на сопственици кои не се свесни за ова, покажа ново истражување направено во Сингапур, а пренесува Гардијан.
Научниците открија дека неколку брендови содржат остатоци од загрозени видови кои наведуваат нејасни состојки како на пример „океанска риба“, што значи дека потрошувачите честопати не знаат за каква риба се работи.
„Поголемиот дел од сопствениците на домашни миленици се веројатно љубители на природата и мислиме дека повеќето би биле вознемирени кога ќе откријат дека тие несвесно можат да придонесат за прекумерен риболов на популациите на ајкули“, велат авторите на студијата, Бен Вејнрајт и Иан Френч од Јеил колеџот во Сингапур.
Популациите на ајкули прекумерно се ловат низ целиот свет и бележат пад од повеќе од 70% во последните 50 години. Како врвни предатори, тие се клучни за рамнотежата на синџирот на исхрана на океаните, а загубата на ајкулите имаше негативни ефекти врз коритата на морските треви и коралните гребени.
Проблемот со продажбата на перки од ајкула беше широко објавуван. Но, нем придонесувач, велат авторите, е употребата на остатоци од ајкули во секојдневните производи како што се храната за домашни миленици и козметиката.
Научниците тестирале 45 производи за храна за домашни миленици од 16 брендови во Сингапур. Повеќето производи користеле генерички термини како „риба“, „океанска риба“, или „бела риба“ во списокот со состојки за да ја опишат нивната содржина, а некои конкретно наведуваат туна или лосос. Други воопшто не посочиле риба.
Од 144 обработени примероци, 45 или приближно една третина, содржеле ДНК од ајкула. Најчесто идентификувани видови се сината ајкула, свилената ајкула и белата гребена ајкула. Свилената ајкула и белата гребена ајкула се наведени како „ранливи“ во Црвената листа на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN).
Идентификувани се и производи што содржат ДНК на уште неколку исклучително ранливи видови ајкула, меѓу кои и тигрестата ајкула.
Авторите сугерираат дека месото би можело да се земе од трупови на ајкула кои би биле отфрлени откако ќе се отстранат вредните перки или би можело да се одрази на растечката трговија со месо од ајкула. Тие бараат попрецизно означување на состојките за луѓето да знаат со што ги хранат своите миленици и од каде доаѓа.
Д-р Ендрју Грифитс, еколог на Универзитетот во Ексетер, рече дека најновото истражување се водело по она на кое работеле со неговиот тим кога откриле присуство на ДНК на ајкула во прехранбените производи за луѓето.
За храната за домашни миленици, рече тој, недостатокот на правила за специфично означување значи дека широк спектар на ранливи видови може законски да бидат вклучени.
„Нема никакви конкретни правила против тоа“, рече тој. „Можете несвесно да ја добиете речиси секоја риба“.
Покрај профитабилната трговија со перки од ајкула, месото од ајкула е со генерално прилично ниска вредност, рече Грифитс, и може да биде евтин извор на протеини.
„Многу луѓе не сакаат да го јадат“, рече тој. „Значи, не мора нужно да го продавате преку други синџири на снабдување. Ги изненадува луѓето што овие работи можат да се појават во чинијата на нивното милениче“.
Наодите првично се објавени во списанието „Frontiers in Marine Science“.