Одлуката на Соединетите Американски Држави предизвика изненадување, но и сериозна загриженост кај бројни експерти, кои предупредуваат дека последиците нема да се одразат само на политичките односи, туку и на иднината на јавното здравје на глобално ниво.
Иако американските власти ја претставуваат оваа одлука како симбол на зајакнување на „суверенитетот“, таа, според проф. Џордан Милер од Универзитетот во Аризона, ги разоткрива слабостите врз кои почива современиот систем на јавно здравје – не само во САД, туку и низ целиот свет.
Светската здравствена организација (СЗО) не е обична бирократска институција, туку клучна глобална мрежа за следење и спречување на опасни заразни болести, како ебола, мајмунски сипаници и вирусот Марбург. Улогата на САД како најголем финансиер и советодавец беше пресудна за навремено спречување на глобални здравствени кризи.
Со губењето на дел од средствата, СЗО беше принудена да го намали бројот на вработени за една четвртина и да изврши сериозна реорганизација, што значи помалку експерти подготвени да реагираат при идни епидемии. Дополнително, САД имаа клучна улога во развојот на вакцини против грип и прогнозирањето на соеви – систем што постои уште од 1952 година.
Проф. Милер предупредува дека не станува збор само за финансии, туку и за влијание. Со повлекувањето, САД ја отстапуваат својата позиција на други сили, како Кина, која веќе најави поголемо учество. Долгорочно, најпогодени ќе бидат послабо развиените здравствени системи во Африка, Азија и Јужна Америка, со зголемен ризик од ширење на епидемии што порано биле навреме сузбивани.
Извор: The Conversation
Фото: Википедиа



