Премиерот Зоран Заев најави дека ќе биде раскината концесијата на најмалку една од малите хидролектрани кои се градат во месноста Лешница на Шар Планина, додавајќи дека се прават анализи и за другите три објекти кои се градат на ова подрачје за кое локалното население и еко-активисите сметаат дека претставуваат голема опасност по природата но и по водоснабдувањето на тетовскиот регион.
„Овие хидроцентрали кои се тема на дебата се одобрени 2016 година и отпочната е постапка за нивно продолжување или укинување. Самите постапки потврдија дека најмалку една од овие четири мали хидроцентрали ќе биде укината затоа што се наоѓа во заштитено подрачје. Кај сите други имаме и потпишано договори. Треба да се проценат самите буџетски последици кои би биле како направени штети, но доминантно се водиме од граѓаните на кои им служиме“, рече Заев.
Премиерот, во примерите кои се анализираат, го спомена и случајот со малите хидроцентрали за кои се доделени концесии над селото Жировница во Општината Маврово и Ростуше, кои исто така предизвикуваат револт кај локалното население поради стравот дека таа инфраструктура ќе ја загрози водата за пиење во селото.
„Самата локација на хидроцентралите е пред селото, пред системите за водоснабдување. Никој нема проблем да бидат после селото, на истекот на реката. Но некој да не ја утврдил потребата дека тоа го загрозува водоснабдувањето на селото Жировница, навистина е проблем. Самите податоци веројатно ќе донесат причини пред Владата да понесеме буџетски реперкусии, да плати казни за раскин на договорите, но нема поважно од здравјето на граѓаните. Инаку малите хидроцентрали, по она што го имам читано, поучено со советници, се, ако не најеколошки, тогаш едни од најеколошките извори на енергија“, рече Заев.
Радио МОФ неодамна пишуваше за проблемите со природата но и опасноста по водоснабдувањето со кое се соочуваат жителите од тетовскиот крај поради големиот број мали хидроцентрали кои се градат на Шар Планина.
Според Студијата за валоризација на Шар Планина, објавена минатата година, со која се предлага формирање Национален парк, досега на целата Шара има околу 70 локации каде се изградени, се градат или се планира градба на мали хидроелектрани.
Во предложеното подрачје на она што ќе биде идниот Национален Парк вкупно има 25 мали хидроелектрани. Досега се изградени и работат 11 вакви објекти, за дополнителни 9 мали хидроелектрани има одобрение за градба, а уште 5 имаат добиено концесии од Владата.
Малите хидроелектрани закана за Шара, но и за водата за пиење на тетовци