„Заедно против хомофобијата и трансфобијата!“ во недела на Школка

Со неколкучасовен настан во недела на Школка во Градски парк ќе се одбележува меѓународниот ден за борба против хомофобијата и трансфобијата (IDAHO).

„Заедно против хомофобијата и трансфобијата!“ во недела на Школка

Организатори на настанот се коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, Акција Здруженска и ФРИК, а во рамките на ЧЛЕН 3: Иницијатива за поддршка и солидарност со ЛГБТИ заедницата.

„Оваа година IDAHO ќе го посветиме на борбата против дискриминацијата врз основа на сексуална ориениентација и родов идентитет, како една од главните политички потреби на ЛГБТИ заедницата во Македонија. Прв чекор кон заштитата од дискриминација се промените во Законот за спречување и заштита од дискриминација преку внесување на сексуалната
ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација во членот 3“, посочуваат организаторите на настанот.

Тие најавуваат дека овој ден ќе го посветат на иницијативата за промена на Член 3: Поддршка и солидарност со ЛГБТИ заедницата. Во рамките на одбележувањето, четиричасовниот настан ќе вклучува говори од јавни личности поддржувачи на борбата против хомофобијата и трансфобијата, промоција на престојаната кампања и потпишување на картички до пратениците со барања за иницирање на измени во Законот за спречување и заштита од дискриминација.

Настанот почнува во 12 часот, а планирани се DJ сетови на Соња Исмаил, Зоки Бејбе и Мирко Попов.