Забрани за 84 работодавачи од градежништвото и земјоделието кои работеле на пеколните температури

84 работодавачи не ги почитувале владините препораки да не се работи на отворено од 11 до 17 часот и добиле забрани за работа, информираа од Министерството за труд и социјална политика по спроведениот инспекцискиот надзор претходниве три дена.

Најголем број од казните се за работодавачи во градежништвото (67) и земјоделска дејност (13, пред се овошни насади), додека по 2 забрани има во преработувачката индустрија и на локации за вадење на мермер и песок, додаваат од Министерството.

​Забраната за работа се однесува на конкретниот ден кога е регистрирано непочитување на препораките, потоа следи контрола, и ако се увиди дека препораките повторно се кршат, следи прекршочна постапка.

Државните инспектори за труд, од областа безбедност и здравје при работа, извршиле вкупно 207 инспекции кај работодавачи во градежништвото, земјоделие, отпади, комунални услуги, конфекциски погони и други дејности.

Работодавачите во писмена форма ги добиваат следниве препораки, со нагласување дека ќе бидат санкционирани доколку не се придржуваат кон нив:

  • Адекватна вентилација и по можност климатизација во затворен работниот простор.
  • Да не работат на отворено за време на најтоплиот период од денот односно во период од 11 до 17часот.
  • Промени во организацијата на работниот процес (воведување две смени работа).
  • Обезбедување засолништа каде вработените можат да се разладуваат одреден период во текот на работата.
  • Почести паузи во текот на работата и консумирање течности.
  • Работната облека да биде од лесна порозна ткаенина, а при работа на отворен простор – очила и капи.
  • Предупредување за зголемени опасности од несреќа при работа (пожари).

Со оглед на тоа што територијата на Република Македонија и денеска се наоѓа во портокалова фаза, работодавачите се обврзани и понатаму да ги почитуваат дадените препораки и да се грижат за безбедноста на вработените во услови на топлотен бран.