За упис во средно, сите оценки треба да се внесат рачно на schools.mk, па потоа свидетелствата да се однесат лично

За да се пријавите за упис во средно училиште, потребно е да одите на е-uslugi.mon.gov.mk, па со корисничко име и лозинка на schools.mk (кои ги има секој деветтоодделенец), да се логирате на вашиот профил. За да аплицирате, потребно е да внесете лични податоци, а потоа, секоја оценка по секој предмет, впишана во секое свидетелство од 6 до 9 одделение, рачно да ја внесете во апликацијата, пренесува новинската агенција Мета.

Покрај рачното внесување на оценките, потребно е во електронска форма да ги прикачите сите четири свидетелства, заедно со извод од матична книга на родените (како и дипломи од освоени места на државни натпревари). Кога завршувате со процесот, ви стасува порака дека апликацијата е успешно поднесена, а во самата апликација пишува колку бодови има кандидатот врз основа на внесените податоци.

Но, најверојатно, прикачените свидетелства не се довoлен доказ за веродостојноста на рачно внесените оценки, па затоа, како што е предвидено со Конкурсот за упис во средно образование, секој ученик треба и физички да ги достави и покаже оригиналните хартиени документи на училишната комисија во училиштето во кое аплицира. Носење документи на увид се прави на 18 јуни, во периодот од 8 до 19 часот, како и на 19 јуни во периодот од 8 до 17 часот.

Многумина овој начин на пријавување го толкуваат како двојна обврска, а не олеснување, со оглед на фактот што не можат да завршат работа само со електронското пријавување, туку кандидатите мораат да се појават на училиште и да ги достават свидетелствата и останатите потребни документи за упис.

Како што за Мета објасни проф. д-р Боро Јакимовски, деканот на Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство, овој начин на упис им олеснува на вработените во училиштата, да не мора да ги препишуваат податоците од свидетелствата, туку едноставно само да извршат проверка на документите.

„Тие не мора да ги внесуваат податоците, а поентата е да не мора да се троши време да се препишуваат. Многу е полесно да ги провериме одошто да ги препишуваме. Се прават напори во МОН да се автоматизира процесот и да не мора да се носат документите на увид, но тоа е процес кој бара заложба, средства и време“, вели Јакимовски за Мета.

Ова е четврта година по ред уписите во средно образование во Македонија да организираат електронски. Ова пријавување трае до утре, а во среда кандидатите треба да ги однесат документите на увид. Досега, системот евидентирал 9.500 апликации.

Конечната ранг-листа со резултатите од запишувањето и слободните места, секое училиште ја објавува на 20 јуни 2025 година, најдоцна до 12 часот, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница. Ако во некое училиште има пријавено поголем број ученици со одличен успех, а нема доволно слободни места за дас бидст примени сите, ќе се организира квалификациско тестирање на 23 јуни. Конечните ранг листи со резултатите ќе се објават истиот ден, на јавно место во училиштето и/или на училишната интернет страница.

Мета.мк