Со досегашното темпо на прогрес, за надминување на родовиот јаз во физиката ќе бидат потребни многу генерации, открива ново истражување кое ги анализира имињата на авторите на милиони научни студии.
Според анализата, најмалку жени има во физиката, компјутерската наука, математиката и хемијата, а најмногу во медицинската нега и акушерство.
Без дополнителни интервенции, родовиот јаз најверојатно ќе опстои и наредните генерации, велат научниците од Универзитетот во Мелбурн, кои го спровеле истражувањето.
„Од родово-пристрасните сфери, скоро сите се движат кон рамноправност, иако за некои се предвидува дека ќе биде потребно децении, па дури и векови за да се достигне еднаквост“, вели д-р Синди Хаусер, пренесува ББЦ.
320 години ќе бидат потребни за родова рамноправност во медицинската нега, 280 години за компјутерската наука, 258 години во физиката и 60 години во математиката.
Истражувачите користеле компјутерски методи да го анализираат полот на авторите кои се регистрирани во базите на податоци во кои има илјадници научни студии објавени во последните 15 години.
Тие откриле дека 87 од 115-те анализирани области имале помалку од 45% жени авторки.
Жените сè повеќе работат во доминантно-машки професии како физиката (17% жени), додека се зголемува и бројот на мажите во областите во кои преовладуваат жени, како медицинската нега (75% жени).
Истражувачите велат дека веќе се познати практичните мерки кои можат да помогнат во надминување на јазот:
- Реформи во објавувањето
- Обезбедување еднакви ресурси за жените на работното место
- Поголемо признавање на потребите надвор од работното место, кои традиционално отпаѓаат на жените, во оценувањето на постигнувањата.
- Поголема достапност до родителско отсуство и можност за паузирање на кариерата.
- Еднаков пристап до неформални професионални мрежи.
„Решенијата се тие, но тешко е тие да се прифатат и луѓето да почнат да се придржуваат според нив“, вели д-р Лук Холман.
„Не се придржуваме на нив бидејќи е тешко да се промени начинот на кој луѓето отсекогаш ги правеле работите и можеби не им се дава доволно висок приоритет кој го заслужуваат од луѓето кои се на високите позиции во научната индустрија и академиите“, додава тој.
Истражувачите ја анализирале и разликата меѓу државите. Поголем родов јаз има во Јапонија, Германија и Швајцарија, а помал во некои европски, африкански и јужноамерикански држави.
За тоа како е во Македонија, Радио МОФ подетално пишуваше во текстот по повод Меѓународниот ден на девојките и жените во науката, 11 февруари кој можете да го погледнете на линкот во продолжение.
Ден на девојките и жените во науката – разбивање на предрасудите за поголема рамноправност