Во текот на втората недела од јануари, односно од 5 до 11 јануари, одговорните во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) евидентирае 2.322 заболени лица со грип и заболувања слични на грип, информираше денеска епидемиологот Драган Кочински, пренесува агенцијата Мета.мк.
„Тоа е за 36,4 отсто повеќе во однос на претходната недела. Ако споредиме со истата недела од минатата сезона, имаме зголемување 2,2 пати, а ако споредиме со просекот, имаме зголемување од 31 процент. Се наоѓаме во ниво на средна активност на вирусот на грип. Најголем број од заболените се на возраст од 15 до 64 години, како и најмалите од 0 до 4 години“, информира Кочински.
Во 25 од вкупно 31 регион во земјата има заболени, од кои најмногу во Скопје, Тетово, Куманово, Охрид.
Кочински го потврди и смртниот случај од грип.
„Пријавен е еден смртен случај асоциран со грип, се работи за жена хоспитализирана на Инфективната клиника, која имала коморбидитети и не била вакцинирана“, рече тој.
Од почетокот на октомври до 11 јануари, евидентирани се вкупно 6.147 заболени лица, што во споредба со претходната сезона, е зголемување за 2,6 пати.
„Само во Берово, Пехчево и во Делчево нема ниту еден регистриран случај на грип“, додаде Кочински.
За населението важат општите мерки на заштита – избегнување на простории со многу луѓе, посебно ако се забележи дека имаат симптоми на кашлање, кивање, потоа, треба да се проветруваат просториите, да се носи слоевито топла облека, да се консумираат витамини и минерали кои ќе го зголемат имунитетот на луѓето.
„Ако имате респираторни проблеми најдобро е да останете дома. Децата да не се носат во градинка школо ако имаат симптоми на акутно заболување, а истото важи за возрасните, да не одт на работа за да не ја шират заразата на останатите колеги. Ако симптомите се влошат, да се јават на лекар“, рече Кочински.
Најдобра мерка на заштита е вакцинацијата, а досега се вакцинирани повеќе од 79.000 лица во државата.
„Се наоѓаме во средна активност на вирусот на грип. Имаме зголемен број заболени, но тоа е очекувано за овој период од годината. Пикот се очекува во периодот од средина на јануари до средина на февруари. Точно е дека имаме раст нeколку недели порано од очекуваното, но засега не даваме препорака за продолжување на зимскиот распуст. Но ако има промени ќе дадеме соодветни мерки“, рече Кочински.



