Xiaomi развива програма која ќе препознава музика преку мрморење

На сите ни се случило да „ни се заглави песна во главата“, но да не можеме да ја најдеме бидејќи не го знаеме текстот. Но, наскоро телефоните на Xiaomi ќе имаат апликација која ќе ги идентификува песните преку мрморење и потпевнување.

Кинескиот производител на смартфони започна со бета тестирање на алатката кај неколку илјади корисници. Компанијата ќе ја додаде оваа функција на сите телефони во март, според ACRCloud, пекиншка компанија која работи на препознавањето на музика на производите на Xiaomi.

Потегот на Xiaomi е сличен на одлуката на Apple да го интегрира Shazam во телефоните со iOS 8 оперативен систем, со што корисниците можат да ја прашаат Siri што слушаат.

Сепак, Shazam не може да ја идентификува песната која корисниците ја мрморат или потпевнуваат, туку за да препознае песна таа треба да свири во позадина. Оваа можност моментално ја има само еден од најголемите конкуренти на Shazam, SoundHound.

Tony Li од ACRCloud вели за Mashable дека компанијата се надева дека ќе го надмине SoundHound со нова технологија, која препознава мелодии на песни автоматски.

За споредба, за да ја препознае музиката, SoundHound го споредува мрморењето со примероците во неговата датабаза.