Стотина планинари од Македонија и Бугарија тргнаа на Вториот меѓународен планинарски марш „Голак 2016“ што денеска и утре го организира ПСД „Голак“ од Делчево. Целта на маршот е промоција на планината Голак како посакувана дестинација за планинарење.
Патеката е долга 12 километри, а планинарите кои утрово се собраа во центарот на Делчево рутата ја продолжуваат до манастирскиот комплекс „Св.Богородица Балаклија“,кој се наоѓа на надморска висина од 650 метри, во подножјето на планината. Патот продолжува по месноста Трајанов Рид (760 м.н.в.), Долна Богданица (946 м.н.в) и спортските терени на Голак на висина од 1400 метри. Овде е ќе се јаде планинарското гравче, за потоа планинарите да го продолжат патот до врвот „Мала Чавка“ на 1517 метри, под кој се наоѓа манастирот „Св.Пантелејмон“.
Ноќта ќе ја минат во шатори на спортските терени, а во текот на утрешниот ден, по истата маршута се враќаат во Делчево.
Во текот на настанот се најавени и спортски натпревари, а како што појаснуваат од планинарското друштво „Голак“, целата патека е маркирана и се поставени планинарски табли за полесно движење на посетителите.