Вработени во Управата за водење на матични книги од утре најавија штрајк

Независниот синдикат на управата за водење на матични книги најави дека од утре вработени во управата стапуваат во штрајк.

Тие бараат донесување на колективен договор на ниво на работодавач, усогласување на платите согласно покачувањата на минималната плата и линеарно покачување на платите на сите вработени во управата. Истовремено, бараат унапредување, односно добивање на соодветни звања на вработените во управата.

Синдикатот истакна дека за време на штрајкот кој започнува во 8 часот, граѓаните нема да можат да поднесуваат барања за лични документи кои се издаваат од Управата за водење на матични книги.

Тие претходно дадоа рок од 15 дена за нивните барања до Управата, и посочија дека доколку не се исполнат ќе стапат во штрајк.