Воспитувачки од Струмица и Ќустендил учеа за Еко-образование

Воспитувачи од детските градинки од Струмица и Ќустендил, Република Бугарија, учествуваа на дводневната обука „Моделирање на проектни активности поврзани со значајни датуми за екологијата со користење на Прирачникот за еколошко образование на деца, наменет за воспитувачите од детските градинки“, што се одржа во Струмица.

„Станува збор за проект кој во себе обединува две важни компоненти, прекуграничната соработка,  зошто ако во политичка и државна смисла постојат граници, во еколошка смисла нема граници. Од друга страна вклучувањето на градинките и децата од предшколска возраст да стекнат еколошки навики за цел живот“, рече професор Глигор Петров, консултант на проектот, пренесува МИА.

Од Одделението за меѓународна соработка и ЕУ фондови, од Општина Струмица, велат дека со оваа активност финализира и подготовката на Прирачникот за еколошко образование.

„Оваа активност значи и јакнење на капацитетите на воспитно-образовниот персонал на детската градинка „Детска радост“ од Струмица и „1 јуни“ од Ќустендил, соседна Бугарија. Преку ова ќе создадеме неформална мрежа преку која, воспитувачите од двете градинки во иднина може да разменуваат искуства во делот на еколошкото образование и заштитата на животната средина. Ја финализиравме и крајната верзија на Прирачникот за подобрување на нивниот персонален развој за заштита на животна средина и користење обновливи извори на енергија“, рече Драган Гонев од ЛЕР.

Обуката која се одржа викендов, е во рамките на проектот „Еко градинки за одржлива иднина“, финансиран од ЕУ преку ИНТЕРРЕГ- ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Македонија и Република Бугарија 2014-2020 година.

РадиоМОФ минатава недела пишуваше за тоа колку екологијата е застапена во македонскиот образовен систем. Повеќе детали во текстот во продолжение:

Повеќе екологија на час, за помалку ѓубре меѓу нас