Комисијата за човекови права на Зимбабве, именувана од владата, ја обвини државната армија за користење на „систематска тортура“ во справувањето со протестите низ земјата.
Комисијата упати остри критики кон надлежните за користење на војската за спречување на демонстрации. Протестите избија пред десетина дена поради високиот раст на цените на горивото.
„Вооружени и униформирани членови на Националната армија на Зимбабве и Републичката полиција спроведувале систематска тортура“, било наведено во соопштението на Комисијата.
Во него се наведува и дека безбедносните сили влегле во куќи во текот на ноќта и принудувале мажи и момчиња, некои и по 11 години, да лежат на подот каде потоа биле тепани.
Според други информации најмалку 12 лица се убиени, а стотина други биле хоспитализирани поради прострелни рани.
„Кога работите излегуваат од контрола потребно е да се покаже малку сила“, изјавил портпаролот на владата за Би-Би-Си, бранејќи ги пресметките со демонстрантите.
Војници во главниот град Хараре биле забележани како тепаат голема група луѓе во минибус во текот на вчерашниот ден, а новинарот на Би-Би-Си објаснува дека едно лице му посведочило дека тој заедно со уште триесетина луѓе биле тепани од војската повеќе од два часа.
Честото насилство отвори прашања околу контролата врз војската од претседателот Емерсон Мнангагва, кој пред 14 месеци дојде на власт токму со помош на армијата.