Водата од чешма е побезбедна од флашираната

Луѓето често пати мислат дека нешто не е во ред со водата од чешма затоа што е евтина. Но, според сигурноста, водата од чешма е далеку подобра од флашираната, пренесе Макфакс.

Водата од чешма е побезбедна од флашираната

Водата во шише лесно може да се контаминира. Постојат повеќе шанси да пронајдете штетни материи во флашираната вода отколку во онаа од чешма, вели професорот Пол Л. Јангер од Универзитетот во Глазгов и автор на книгата „Water: All That Matters”.

Американската Environmental Working Group (EWG) пред неколку години спроведе истражување во кое беше откриено дека состојките во флашираната вода драстично не се разликуваат од оние во обичната вода од чешма. Како што тогаш пишуваше examiner.com, истите валкани и нездрави супстанци кои може да се најдат во водата од чешма може да се најдат и во водата од шише.

Своевремено EWG истражи 200 популарни брендови на вода од САД и откри 38 загадувачи во 10 најпопуларни брендови на флаширана вода. Во САД биле откриени дури и канцерогени супстанци во водата во шише, а најлоши на тестовите се покажале флашираните води на големите трговски синџири.

Прашањето е зошто и покрај тоа се повеќе луѓе купуваат флаширана вода?

Иронично, како што пишува examiner.com водата од славина е регулирана, а флашираната вода не е. Според пишувањето на Washington Reuters, Американците се спремни да платат долар повеќе за флаширана вода која е поскапа од онаа во чешма. Еден од најдобрите начини да обезбедите чиста вода секако е вградување на филтер на славините во куќата.

Слична теза за квалитетот на флашираната вода објави и Business insider, минатата година. Флашираната вода е значително поскапа од онаа од чешма, а освен тоа има поголема веројатност да биде контаминирана или да стане извор на зараза.

Водата од чешма мора секојдневно да се проверува и за тоа постојат инспекции, според пишувањето на Business insider, а водата во шишиња се контролира еднаш месечно. Водата од чешма содржи хлор што спречува ширење на штетните супстанци и бактериски инфекции. Но, еднаш наполнетото и затворено шише со вода може во магацините да стои со месеци пред да се продаде, а во себе не содржи хлор.

Откако шишето е отворено, не е можно да остане стерилно и затоа се препорачува да се испие водата веднаш или најдоцна за еден ден.

Компанијата Mintel која се занимава со истражување на пазарот во Велика Британија, утврдила дека речиси една четвртина од луѓето кои дома пијат флаширана вода го прават тоа затоа што ја сметаат за подобра од онаа во чешма.

Заклучокот е дека флашираната вода не е нужно чиста, а освен тоа што може да биде полоша од онаа од чешма, може да биде и иста како неа. Според banthebottle.net, американската агенција за јавно здравје, Food and Drug Administration (FDA) дозволува одреден број пестициди во водата во шише, а луѓето ја купуваат затоа што веруваат дека е сосема чиста.

Извор: Макфакс