Во вториот круг за наградата „Роман на годината“ избрани 10 кандидати

Од Фондацијата „Славко Јаневски“ која ја доделува книжевната награда „Роман на годината“ за 2022 година известуваат дека во втората селекција е направен потесен избор од 10 романи.

Оваа година жири-комисијата е составена од Симона Јованоска, минатогодишен лауреатка и претседателка на Комисијата, Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева, претставник на Фондацијата „Славко Јаневски“.

На годинашниот конкурс пристигнале 35 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на девет романи. Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.

Во вториот круг, жири комисијата го стеснила изборот на следните дела:

1. „Водни тела“, Ана Аврамовска, „Паблишер“
2. „Папокот на светлината“, Венко Андоновски, „Три“
3. „Писмо за Глорија“, Живко Грозданоски, „Или Или“
4. „Анатрос“, Хари Кацановски, „Арс Либрис“
5. „Времето пред приказната“, Митко Маџунков, „Три“
6. „Нема шума без волци“, Велко Неделковски, „Пагома Прес“
7. „Столб што пее“, Томислав Османли, „ВиГ Зеница“
8. „Синовите на Адам“, Михајло Свидерски, „Восток“
9. „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за
куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, Влада Урошевиќ, „Арс Либрис“
10. „Естом“, Николина Андова Шопова, „Или Или“

Наградата „Роман на годината“ годинава ќе се врачи по 24 пат. Наградата, чиј генерален покровител е Комерцијална банка АД Скопје, се состои во паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.