Во заедничка кампања, повеќе здруженија од Србија на петиција собраа преку 40.000 потписи преку која бараат да се ограничи емитувањето на ријалити програмите и да се воведе повеќе детска културна програма на домашните телевизии.
Потписите се собираа во периодот од 23 до 29 јуни, а потребно било да се соберат повеќе од 30.000 потписи за да се поднесе иницијатива до парламентот за измени на Законот за електронски медиуми.
„Ова е можеби крајот на ријалити програмата, но битката допрва почнува. Бараме во периодот од 6 до 23 часот емитувањето на ријалити програмата да се ограничи на најмногу три часа, да се забрани емитувањето на таквите програми во живо и секој ден на телевизиите со национална фрекфенција да се емитува најмалку половина час детска програма“, изјавил претседателот на Здружението за заштита на уставноста и законитоста, Саво Манојловиќ.
Иницијативата е насловена „Во име на културата“ (#UIMEKULTURE), а според организаторите, целта на кампањата е на децата во Србија да им се овозможи алтернатива од секојдневното изложување на сцени на насилство и погрешни вредности кои се промовираат преку голем дел од ријалити програмите во земјата, што може да има негативно влијание на нивниот развој.