Во секоја општина ќе има гробишта за миленици, се бараат локации

Министерството за локална самоуправа, Град Скопје и ЗЕЛС и даваат целосна поддршка на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за решавање на постоечкиот
проблем и потребата од изградба на гробишта за домашни миленици во општините, сооштија денеска во АХВ.

Директорот Оливер Миланов неделава се сретнал со министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Како што соопштуваат оттаму, сега претстои дефинирање на локации во општините на кои ќе се се наоѓаат гробиштата и планирање на инфраструктурата која треба таму да се изгради за да може тие целосно да се стават во функција.

„Ова ќе претставува решавање на деценискиот проблем и крај на праксата по смртта, труповите на милениците да не се фрлаат заедно со комуналниот отпад, или да се закопуваат на јавни површини и други несоодветни локации за таа намена, за што ќе треба да се направи и соодветна измена на одредени законски решенија”, изјавил Перински на состанокот.

Во врска со проблемот со бездомните кучиња, предвидено е тој да се решава со вклучување на општински инспектори и општински комунални инспектори.

„Беше дискутирано и за предложените решенија за намалување на популацијата на бездомни животни преку воспоставување на систем на прифатилишта во секоја општина, што наиде на поддршка и од Перински и од Ѓорѓиевски, со ветување дека и локалните самоуправи активно ќе се вклучат во имплементацијата на претстојните законски измени“, се наведува во соопштението од АХВ.

Мета.мк