Во Македонија има над 2.000 деца питачи, за празниците расте бројот во туристичките центри, вели Здружението „Градиме иднина“

Во Македонија има меѓу 2.000-2.500 деца питачи. Постои таканаречена „питачка мафија“ што ја организираат поединци злоупотребувајќи малолетни деца, деца без родители, деца со инвалидитет и други, велат од Здружението „Градиме иднина“.

„За празниците расте бројот на деца питачи во туристичките центри кои ги носат и транспортираат до Охрид и Струга од Велес, Кичево, Струмица, Битола, Штип и останатите градови“, посочуваат од Здружението.

Според нив, децата голи, боси и изгладнети просат по улиците и на плоштадите, а парите кои ќе ги соберат завршуваат кај лицата што ги тераат да питачат.

„Голем е бројот на деца кои немаат здравствено осигурување, немаат извод од матична книга на родени, 236 деца живеат под небо, без дом, а 25 деца се евидентирани како жртви на сексуални услуги“, посочи Илија Јовановиќ, претседателот на „Градиме иднина“.

Истражувањето и контактите со овие деца покажале дека лицата кои ги тераат на питачење ги принудуваат на користење опијати. Бројките до кои дошле од здружението се дека 85 деца биле зависници од дрога преку дување лепак, осумгодишно дете користи хероин, три мали деца починале од зависност, а три машки деца биле сексуално злоуптребувани.

„Децата работат во три смени, од 10 до 15 часот, втора од 15 до 22 часот и трета од 22 до четири часот. Едно дете од питачење заработува до 3.000-4.000 денари во Скопје, додека во другите градови е помалку“, посочија од Здружението.

Истражувањето на „Градиме иднина“ покажало дека 18.500 деца не се во школските клупи. Најзагрозена е ромската заедница. За четири години, од 2.000 деца кои секојдневно питачат, 145 деца се тргнати од улиците, а Министерството за внатрешни работи поднело 246 кривични пријави за изминатите години за злоупотреба на децата, тргување, бизнис и проституција.

„Апелираме институциите да го спроведуват протоколот, според кој децата мора да бидат вклучени во образовниот систем, да имаат право на здравствена заштита, Министерството за внатрешни да им обезбеди изводи на родени и државјанства, а градоначалниците да го решаваат питачењето во нивниот град со отстранување на питачите од улица и отварање дневни центари“, рече Јовановиќ од „Градиме иднина“.

Бојан Шашевски