,,Во Карев од дома” – предновогодишни настани на средношколците од гимназијата „Никола Карев“

Ученичката заедница при СУГС „Никола Карев“ и оваа година традиционално го најавува настанот ,,Во Карев од дома” кој ќе се одржува непосредно пред новогодишните празници, од 28 декември до 30 декември 2020 година.

„Оваа година темата е поминување време со блиските, наместо организирање на собири и големи прослави на Новата година. Сакаме да пренесеме порака за добро однесување и почитување на препораките и мерките од Министерството за здравство, а притоа да се покаже дека можеме да се забавуваме и на безбеден начин“, велат средношколците.

На 28.12.2020 година ќе се реализира хуманитарната акција чија целна група се социјално  загрозени ученици, деца и младинци. Ќе бидат дистрибуирани новогодишни пакетчиња и новогодишни честитки.

На 29.12.2020 година ќе има турнири во игри на интернет(,,League of legends’’, ,,Шах” и ,,Табла”) и едукативни работилници на теми поврзани со ментално здравје и личен развој.

На 30.12.2020 година ќе има  поетско читање во соработка со иницијативата Култура бета, проекција на краткометражен филм ,,Малечка” од Ана Андонова и интервју со режисерката. Како затварање на настанот ќе има музички настан организиран од „Art House Karev“ на кои ќе настапуваат три бендови.

Поради моменталната состојба сето ова ќе може да се проследите на социјалните мрежи на училиштето – Инстаграм , Фејсбук  и Јутуб.

„Каревци максимално се потрудија и дадоа сè од себе да го реализираат овој тридневен настан и покрај лошите услови да поажеме дека сите сме заедно во оваа голема битка и малку да се забавуваме. Останете безбедни дома со своите најблиски и ве очекуваме да ни се придружите во голем број“, додаваат средношколците.