Во Дубаи е отворен најголемиот затворен тематски парк

Дубаи е веќе дом на највисоките згради во светот, вештачки острови и на хотелот кој за првпат во себе има дождовна шума. Сега, на ова се додава и веста дека во Дубаи е отворен најголемиот затворен тематски парк.

Објектот наречен Светот на авантурите“ се протега на 1, 3 милиони метри квадратни, а свечено беше отворен на 31 август. Во него може да се најдат познатите ликови од  „Картун Нетворк“ и Марвел.

Паркот, чија реализација чинеше 1 милијарда долари го отвори владетелот на Дубаи шеикот Мохамед бин Рашид, кој направи обиколка на паркот.

Властите во Дубаи се надеваат дека ќе привлечат 20 милиони туристи до 2020 година, кога е предвидено да се случува Светската изложба. Во 2015 година, 14 милиони го посетиле градот.

Во тематскиот парк има огромен број на занимливости, вклучувајќи го тобоганот кој ги вози луѓето низ паркот, пред да забрза во импровизираната пустина. Во него, исто така, може да се забележат Powerpuff Girls на „Картун Нетворк“, како и Марвел хероите Халк, Капетан Америка и Спајдермен.

Паркот во себе содржи и 25 продавници, 28 ресторани и барови, но цените се прилично високи, односно едно пенкало, на пример, чини 31 долар.

Особено популарна атракција е Опседнатиот хотел, иако на денот на отворањето неколкумина се пожалиле на технички проблеми.