Во Чаршија ќе бидат промовирани истражувања за студентските парламенти и правобранители

Во „Либрариа е чаршис“ во Старата скопска чаршија утре од 18 часот ќе се одржи промоција на истражувањата„Работата и функционалноста на студентските парламенти на факултетите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” и „Студентските правобранители како механизам за заштита на правата на студентите на државните универзитети во Македонија”.

Двете истражувања се резултат на траката за млади истражувачи во рамките на Летната академија на Младински образовен форум (МОФ).

Автори на истражувањето за студентските парламенти се Деа Здравковска и Петар Барлаковски, а за студентските правобранители се Ѓорѓи Рајчиновски, Александра Живковиќ и Сања Божовиќ.

„Со цел подлабински да се разгледаат темите на истражувањата, во склоп на промоцијата ќе има две панел дискусии. Секој од гостите ќе може да учествува во дискусијата преку прашања и коментари, и да добие примерок од двете истражувања“, стои во најавата на настанот кој го организира МОФ.