Собранието и во текот на 2025 година ги отвори своите врати за организирани посети и едукативни тури, овозможувајќи им на граѓаните одблизу да се запознаат со работата и просториите на законодавниот дом.
Организираните тури се наменети за ученици, студенти, граѓански организации, странски делегации и други заинтересирани групи. Тие вклучуваат едночасовна обиколка со стручен водич, при што посетителите имаат можност да се информираат за историјата на Собранието, неговите надлежности, начинот на функционирање и улогата што ја има во демократскиот систем.
Според официјалните податоци, во текот на 2025 година Собранието го посетиле вкупно 11.328 лица, што претставува најголем број посетители од воведувањето на организираните посети во 2014 година. Вкупниот број на реализирани организирани тури изнесува 239, при што најголем дел од нив се одржале во месец мај.
Посетите биле реализирани со различни целни групи – од образовни институции и граѓански организации, до самостојно организирани групи на граѓани, што, според надлежните, ја потврдува зголемената заинтересираност за работата на Собранието и зајакнувањето на транспарентноста и граѓанското учество.
Фото извор: Собрание



