Македонија во друштво со Пакистан, Конго и Бангладеш става новинари во затвор

Земјите кои се појавија во 2013 година на листата на држави кои имале новинари во затвор се Јордан, Русија, Бангладеш, Кувајт, Македонија, Пакистан и Република Конго, објави меѓународниот Комитет за заштита на новинари (ЦПЈ) со седиште во Њујорк. Друштво им прават Египет и САД кои веќе беа на листата.

Во 2013-та убиени 52 новинари ширум светот

Комитетот објави дека во текот на 2013 година се убиени 52 новинари ширум светот, што е за една третина помалку од претходната година, иако се’ уште 30 се водат како исчезнати во војните во Сирија, а 211 новинари се наоѓаат во затворите ширум светот, соопшти Комитетот за заштита на новинари (ЦПЈ) со седиште во Њујорк.

Комитетот навел дека 21 новинар е убиен во Сирија, шест во Египет, пет во Пакистан, четири во Сомалија, три во Бразил и исто толку во Ирак, додека во Мали и Русија се убиени по двајца новинари.

Втора година по ред, Турција е најпозната во светот по бројот на „затворени“ новинари, потоа следат Иран и Кина, бидејќи во затворите во тие земји се наоѓаат повеќе од половина од вкупниот број на затворени новинари ширум светот.

Во Виетнам бројот на новинари зад решетки порасна од 14 во 2012-та на 18 оваа година, но како што се наведува во истражувањето, „вознемирувачки е растот на бројот на осуденици меѓу новинарите во земјите како што се Виетнам и Египет“.

Годинава новинарот Томислав Кежаровски беше уапсен во полициската акција „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години. Полицијата со специјалци кои рано наутро ја опколија неговата куќа го приведе под сомнение дека оддал информации за заштитен сведок во текст од пред пет години. Кежаровски беше осуден на 4,5 години затвор и помина шест месеци зад решетки во затворот во Шутка. Новинарите и граѓаните повеќе пати протестираа за негово ослободување, а минатиот месец тој беше пуштен во домашен притвор до правосилност на пресудата.