Полицијата ги туркаше новинарите кои дојдоа на мирен протест

Тензично и со турканици меѓу полицијата и новинарите помина протестот за пресудата на новинарот Томислав Кежаровски. Неколку стотици новинари и граѓани кои дојдоа да го изразат својот револт за драконската затворска казна за новинарот Кежаровски, беа спречени од полицијата да протестираат пред Музејот на ВМРО.

Полицијата ги туркаше новинарите кои дојдоа на мирен протест

ФОТО: Телеграф

Откако полицијата со обрач околу објектот им забрани да се доближат до влезот, најавениот мирен протест мораше да се пресели зад Музејот, каде движењето е дозволено само надвор од полицискиот обрач.

Дел од новинарите кои се обидоа да поминат покрај кордонот, беа избуткани од полицијата.Откако видоа дека се оневозможени да протестираат мирно пред музејот, новинарите купија свеќи од црквата „Св. Димитрија“ и ги запалија за, како што велат, смртта на демократијата во Македонија.

Пресудата на основниот суд Скопје 1 да го казни новинарот Томислав Кежаровски, обвинет во случајот „Ликвидација“ на четири ипол години затвор, предизвика бројни реакции во медиумската заедница, но и кај граѓаните. Осуда пристигна од повеќе меѓународни организации меѓу кои и ОБСЕ, Репортери без граници и Европската федерација на новинари (EFJ).

Зоран Димитровски, уредник на Нова Македонија, денеска порача дека соопштението кое вчера судот го испрати за да ја оправда својата пресуда со која стави новинар во затвор е срамно.

„Судот испрати срамно соопштение во кое им држи лекција на новинарите дека треба да се едуцираат и што треба да пишуваат за да не доаѓа до вакви судски постапки до ннивно судење. Судот премногу се презема ингеренции затоа што новинарите и медиумите се во заштита на јавниот интерес и тие се паралелна и четврта власт. Тие се на исто рамниште со судот и тие се коректив на судот. Не се судиите тие кои може да ги учат новинарите што да прават и како да постапуваат во својата професионална работа“, рече Димитровски.

Новинарот Кежаровски беше уапсен пред пет месеци во полициската акција „Ликвидација“, за текст кој го објавил пред пет години во два броја на магазинот „Репортер 92“. Полицијата со специјалци го приведе Кежаровски, под сомнение дека оддал информации за сведок, за кој тврди дека бил заштитен, со што го прекршил законот. Од друга страна, тој тврди дека во своите текстови всушност открил дека се работи за лажен сведок во случајот.