„Внимателно да се вложува во крипто-средства“ – Народна банка одговори на најчестите прашања за криптовалутите

„Вложувањето во крипто-средства се смета за високо ризично. Сите коишто вложуваат или имаат намера да вложат во крипто-средства треба да бидат исклучително внимателни и добро да се информираат за потенцијалните ризици на кои се изложени и ефектите од таквите вложувања“, советуваат од Народна банка на Република Северна Македонија.

Тие редовно ги разгледуваат релевантните прашања во врска со крипто-средствата, вклучително и нивниот третман во глобални рамки. Подготвија и листа со одговори на најчесто поставуваните прашања во јавноста, со цел да им даде соодветни препораки на сите лица од нашата земја коишто се интересираат за крипто-средствата. Тие се засновани на тековно расположливите информации.

Во основа, крипто-средствата се сметаат за специфичен вид нематеријално средство, засновано на одредени технологии, коешто не е издадено, ниту, пак, неговата вредност е гарантирана од централна банка или друг регулаторен орган, не претставуваат пари и понудата на овие средства не зависи од потребите на економијата или монетарниот систем.

„Крипто-средствата не претставуваат законско средство за плаќање во нашата земја. Согласно со постојната регулатива, плаќањата во земјата можат да се вршат во домашната валута ‒ денарот. Како и во многу други земји, така и кај нас, не постои регулатива со која се регулираат издавањето, вложувањето и тргувањето со крипто-средствата“, посочуваат од Народна банка.

Оттаму истакнуваат дека нивните ставови може да подлежат на измени и дополнувања во зависност од развојот на крипто-средствата на глобално ниво.