Уште во 7 часот утрово, багер и камиони во придружба на полиција започнаа со истерување на колективот кој изминативе години го одржуваше Автономниот културен центар Рог, или поранешната фабрика за велосипеди во Љубљана, Словенија.
Тие велат дека насилно биле исфрлени, при што биле повредени дел од корисниците на просторот.
„Нашите лични предмети, домашни миленици и вредна опрема беа оставени внатре, заедно со 15 години од нашите соништа, активности, проекти, авантури и заеднички искуства“, велат активистите на центарот.
Полицијата постави ограда околу Рог и ги растера приврзаниците кои се собираа како поддршка пред портата на фабриката.
„Повеќе од 10 лица беа задржани во притвор, меѓу нив и некои повредени на кои им е потребна лекарска помош. Немаме пристап до нив и немаме информации за тоа каде се однесени сите. Во последната деценија и пол стотици граѓани ја користеа автономната фабрика Рог за своите активности и илјадници лица присуствуваа на разни настани во нејзините простори. Мигранти, лица на работ на општеството, уметници кои не подлегнаа на диктатот на капиталистичката култура, скејтери, уметници на графити, циркуски уметници и други, кои и покрај притисоците на градот, општинската безбедност и полицијата, го прават овој град жив и овозможуваат живот вреден за живеење“, стои во реакцијата на центарот.
Тие наведуваат дека општинските власти немаат никакви конкретни планови за Рог во сегашниот мандат.
„Иселувањето луѓе среде тешка епидемија е безобразно за општината која континуирано го продава својот имиџ како зелен, социјален, културен и солидарен град. По нејзината неуспешна кампања за европски главен град на културата со мотото „Солидарност“, сите маски очигледно конечно паднаа“, велат од центарот.
Активистите ги повикаа граѓаните да се појават пред поранешната фабрика во знак на поддршка, или пак да упатат протестно писмо до властите.
TOVARNA ROG
Kot meščan mesta Ljubljane, kot mestni svetnik MOL, kot poznavalec problematike tovarne Rog, kot občasni…
Posted by Kolesarski župan Ljubljane / Bicycle Mayor of Ljubljana on Tuesday, January 19, 2021
Општинските власти во изјава за словенечките медиуми велат дека потегот го направиле бидејќи биле информирани дека во изминативе денови просторот бил празен.
Просторот формално е во сопственост на Градот Љубљана, додека личните предмети на луѓето кои престојувале во него биле скадирани во магацин, информираат од Општината. Во однос на рушењето, велат дека имале важечка дозвола за градба и еколошка рехабилитација на областа. Домашните миленици, пак ги згрижило Засолништето за напуштени животни Гмајнице.
Но, борбата за Рог трае неколку години наназад. Досега двапати имало обиди да се реновира просторот, на што активистите се спротивставуваа.
За Рог се водеше и судски процес во кој учествуваа осум активисти и Општината Љубљана. На крај, сите пресуди беа во корист на Општината.
Оттаму најавија дека во рок од еден месец ќе биде отворен тендер за изведувач на реновирањето, додека новиот центар Рог е планирано да биде завршен за две години.