Тешките товарни возила да избегнуваат движење во централното градско подрачје. Да се користи јавниот превоз на релациите за кои е обезбедена автобуска линија. Да се избегнува користење на возила без поголема потреба, а особено тие со пониски ЕУРО стандарди. Кога сепак постои потреба, да се вложат напори повеќе лица да се возат со едно возило. Индивидуалните домаќинства да користат чисто гориво за затоплување, односно да не се користи прегорено отпадно масло (моторно, хидраулично и масло од домаќинствата), лакирани или обоени отпадоци од дрво и мебел, стиропор, ПЕТ амбалажа, парчиња гума и каков било синтетички материјал. Правилно да се користи огревното дрво за затоплување. Да пријавуваат во надлежните инспекторати и полициските служби сомнежи за која било нелегална активност што придонесува во нарушувањето на квалитетот на воздухот.
Ова се препораките кои стигнаа од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кое соопштува дека внимателно и континуирано го следи квалитетот на воздухот преку државната мрежа на мерни станици.
Препораките доаѓаат откако во текот на изминатата седмица, велат од МЖСПП, забележани се појави на надминување на среднодневната гранична вредност за РМ10 (50 µg/m3) во Центар, Гази Баба, Карпош, Ректорат, Ѓорче Петров, Миладиновци, Битола 2, Кочани, Куманово, Струмица и Тетово, со понатамошен тренд на зголемување.
„Со оглед на фактот дека се соочуваме со зголемени концентрации на загадување во воздухот, а со цел ублажување на оваа состојба, апелираме до граѓаните, во рамките на своите можности, да ги применуваат препораките“, велат од МЖСПП.
Воедно, укажуваат на обврската сите А и Б индустриски капацитети да се придржуваат кон условите препишани во интегрираните еколошки дозволи и апелираат сите надлежни државни и локални инспекторати да ги интензивираат вонредните контроли за проверки на исправноста и функционирањето на филтрите во индустриските капацитети, а градежните инспектори да вршат инспектирање на примената на протоколот за контрола на градежната прашина, особено на патиштата и при други поголеми инфраструктурни интервенции.
Министерството и натаму ќе се залага за спроведување на дополнителни мерки кои ќе се справуваат со изворите на загадувањето, но ве повикуваме сите заедно да придонесеме во рамките на своите можности за побрзо надминување на состојбата. Затоа што сите ние сме причината на загадувањето и само заедно можеме да го најдеме решението“, соопштува МЖСПП.
Инаку, согласно новата уредба од 14 декември, прагот на алaрмирање за загадување со ПМ10 честичките се намалува од 188 милиграми на кубен метар на 175 милиграми на кубен метар среднодневна концентрација во текот на два последователни дена и добиена прогноза за стабилна временска состојба во наредниот период.
„Во согласност со новата Уредба за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели во која е дефиниран прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри, од 14 декември 2019 година, прагот на алармирање на РМ10, се намалува од 188 mg/m3 и истиот изнесува 175 mg/m3 среднодневна концентрација во текот на 2 последователни дена и добиена прогноза за стабилна временска состојба во наредниот период“, соопштија пред некој ден од МЖСПП.
Во случај на надминување на овие вредности во два последователни дена се локалните и централните власти се активираат итни мерки за намалување на загадувањето.