Власта не отстапува од гасовод низ Водно, активистите не отстапуваат од траса надвор од Парк-шумата

Бројки, податоци, видеа, аргументи и контра-аргументи денеска беа изнесени за гасоводната делница 5 и значењето на Водно на јавна дебата во Советот на Град Скопје.

Претставниците од министерствата и понатаму продолжуваат со ставот гаводот да се гради низ сртот на Парк-шумата. Истовремено, граѓанската иницијатива „Го сакам Водно“ и поддржувачите не отстапија од ставот дека се „за“ гасовод, но по друга алтернативна траса, надвор од „белите дробови“ и заштитникот од ерозии и порои на главниот град.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов беше во улога на модератор, додека
директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР), Бајрам Реџепи излезе со визуелна презентација за гасоводната линија. Прикажа дел бројки, дел снимки со дрон, дел спремни монтирани видео материјали. Гасоводната траса 5, вели тој, влегува на 18-тиот километар на границите на Парк-шумата Водно, во Сопиште, и потоа излегува на 27,3 километар во Шишево.

Податоците за штетите повторно ги прикажа низ призма на шумски фонд, дрвна маса, за разлика барањата на еколозите да се вклучат и аргументи за пошироки влијанија на целиот еко-системот на Водно. Според Реџепи, сечата би била дури и поголема ако се оди преку Скопска Црна Гора и обиколницата.

Директорот на МЕР, Барјам Реџепи со своја презентација

„Точната должина на оваа делница е 9,3 километри. Од 18-иот километар се до 21,5 километри немаме никаква сеча на шума. Сечење на дрвја има само од 21,5-от до 24-от километаер од трасата, односно само на 2,5 километри минува низ дрвна маса. Во тој дел, ќе се исече 1,7 хектари дрвна маса од вкупните 2.593 од цело Водно. Не е точно дека низ дел на Водно каде минува ќе се сечат дрвја, туку на поголемиот дел се грмушки и карпи. Финансиската штета која би ја имала државата ако се прекине со изградба на оваа траса би била околу 20 милиони евра“, рече Реџепи.

Горан Сугаревски, министер за транспорт и врски, ги повтори ставовите од заедничката прес-конференција на властите пред десеттина денови, кога беше дадено ново „зелено светло“ за багерите низ Водно, по што активистите застанаа со жив штит.

„Водно е од непроценливо значење на Скопје и нема да дозволиме загрозување на природата. МЕР изработија предлог-нова траса која во делница од четири километри ќе ја помести линијата на гасоводните цевки. Односно, со новиот предлог од 3.000 метри кубни ќе се намалува на околу 1.400 кубни метри. Широчината на трасата се намалува од 25 метри на 10 до 15 метри и се избегнуваат деловите каде има густа дрвна маса“, рече Сугарески, додавајќи дека ќе се изврши пошумување на пошироко подрачје каде минува трасата.

Според министерот за економија Крешник Бектеши, придобивките од гасоводот се економски, еколошки и енергетски. Односно, рече тој, енергетска придобивка е тоа што се зголемува сигурноста на снабдувањето со енергија, економска се отворање нови работни места, ангажирање градежна оператива и помали трошоци за искористена енергија, додека од еколошки аспект намалување на штетни материи.

„Ќе се субституираат мазутот, екстра лесното масло и огревното дрво како енергетски материјали, кои испуштаат повеќе штетни материи. Ќе се обезбеди евтин реагенс, за да се зголеми конкурентноста на македонските компании на странските пазари“, рече Бектеши.

Заменик министерот за животна средина, Јани Макрадули, пак, потенцираше дека се обидуваат да изградат „партнерски однос со невладините организации за изнаоѓање заедничко решение“. За Макрадули, Водно не е заштитено подрачје. Апелираше заедно со граѓаните да се ревалоризира Парк-шумата.

„За жал, кога се промени Законот за заштита на природата некој што имал обврска да направи ревалоризација за заштитата на Водно тоа не го направил. Ќе се донесе одлука кој ќе управува со тоа заштитено подрачје, но и негово зонирање. Ќе се дефинираат правила што може да се направи на одредено заштитено подрачје. Приоритет на министерството е како да ги воведеме екосистемските услуги меѓу кои е и Водно како Парк-шума“, потенцираше Макрадули.

Заменик министерот за животна средина Јани Макрадули

Според него, трасата е избрана затоа што поминува низ подрачја со најмногу црно-габерови шуми со мало значење на европската скала на шуми. „Друга причина е тоа што низ оваа траса постојат нискостеблести дрвја и минува низ предели каде што ќе има најмалку оштетување на безрбетниците“, рече тој.

Еко-активистите од иницијативата „Го сакам Водно“ уште пред почетокот на настанот нагласија дека овој тип на дебата е далеку од она што го бараа претходно. Односно, рекоа тие, соочување на факти на неутрален терен, со непристрасен медијатор, и дека доаѓање на терен на еден од учесниците во уништувањето на Водно и главните актери, ги става граѓаните бранители во инфериорна позиција.

Потенцираа дека гасоводниот проект на Водно е зачнат во 2010, штетен е за природата и граѓаните. Самите институции, рекоа тие, во неколку наврати при средби во изминативе четири месеци, кажале дека „Го сакам Водно“ се 95% во право, па затоа прашуваат – зошто не е прекината трасата низ Парк-шумата?

Понатаму, нагласија дека сепак, Водно е заштитенa зона, дом на загрозени и ендемични видови, без разлика што ревалоризацијата не е завршена. Се повикаа на одлуките на Собранието на град Скопје од 1976, потврдено на 1991. Дека е заштитено подрачје неколку пати досега потенцираа и градските власти и шумарски експерти.

Активистот Андреа Јанков од иницијативата „Го сакам Водно“

„Ова претставува регистрирано природно наследство кое според Меѓународниот сојуз за заштита на природата и природните богатства (IUCN) има меѓународен статус од трета категорија и режим на заштита. Овој режим на заштита забранува сеча, поткастрување, кршење, насилно оштетување на дрвја и гранки, менување на растителни услови, како отстранување на земја, градење на поголеми постојани објекти или градби на подрачјето на непосредниот растителен реон“, рече Андреа Јанков од „Го сакам Водно“.

Повтори дека никој не ги спорат бенефитите од гасификацијата. Истовремено, нагласи тој, по 21 година Скопје се уште нема дистрибутивна мрежа. Кон Штип е изведена мрежата, но таму гас не протекол.

„Во Куманово уште се прави. Ние бараме ревизија на проектот и предлагаме трасата да оди од Арачиново до Жеден, да се направи од северната страна на Скопје. Или од Скопска Црна Гора да се спушти. По земјоделско земјиште или патишта каде заштитеното подрачје е потесно, помало. Нам ни фали девет метри квадратни повеќе зеленило по жител во Скопје. Според пописот од 2002 година кога Скопје броел 550.000 жители Водно задоволувало 46 отсто од потребите. Сега бројот на жители расте, а Водно се намалува“, нагласи Јанков, дополнувајќи дека институциите досега во јавноста постојано излегуваат со различни бројки за големина на гасоводната траса – 25 метри, 20 метри, 10, 5 метри…

Активистката Татјана Стојановска повторно ја спомена незаинтересираноста на институциите да направат нова Студија за оцена на влијанието врз животната средина (ОВЖС). Пред се’, смета дека Министерството за транспорт и врски требало да направи ревизија на проектот.

Иницијативата досега наиде на многу недоследности во поглед на документацијата, а притоа биологот Бранко Мицевски тврдеше дека неговото име е лажирано во Студија за ОВЖС, правена од „Технолаб“, по нарачка од Транспорт и врски.

Излагање на Татјана Стојановска од „Го сакам Водно“

„Не слушнав дека е направена ревизија. Од наведени документи, ниту една не е наведена дека минува низ заштитено подрачје. Ние не сме против гасоводот. Докажете ни дека тоа е единствениот начин кој може да се изведе овој проект. Останавте на ставот дека ‘мора да мине низ Водно’. Ние тој момент не можеме да го сфатиме. Објаснете ни детално зошто мора низ Водно?! Финансиските последици не се единствени што одлучуваат дали гасоводот ќе минува низ Водно. Велите, ќе има пет пати повеќе пошумување? Излезете со конкретен план за пошумување! Има пресметка на дрвна маса, но нема пресметка што би значело понатамошното пошумување“, рече Стојановска.

Во дискусијата се јавија и луѓе од Тетово, кои побараа „трасата низ Водно да не го стопира гасоводот за Тетово“ и дека „штетата на Водно е далеку помала од онаа на Шар Планина“.

Исто така, збор побара и професорот во пензија од Шумарски факултет, Кирил Крстевски, кој неодамна беше ангажиран да вештачи штета низ заштитено подрачје низ Водно. Сега, тој не гледа некој проблем со гасификацијата. Туку, вели, можат да се изградат и „рајски градини на местото на гасоводот“ и да се „рамнат со багер карпите за да може да засадува дрва и да се направи ски-центар“.

Заменик-министерот Сугаревски и градоначалникот Шилегов најавија нова дебата, веројатно во МЖСПП, каде би имало можност да се вклучат уште граѓани и да се најде решение за гасоводот.

Бoјан Шашевски