Владата воведе забрана за влез на руските авиокомпании во македонскиот воздушен простор

Владата на Република Северна Македонија на денешната 18-та седница донесе одлука да воведе забрана за влез во македонскиот воздушен простор за авио компании од Руската Федерација.

Со ова, државата се приклучува на препораките на Европската Унија и на земјите членки кои веќе донесоа таква одлука.

„Владата ја задолжи АД во Државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ да ја отпочне постапката за спроведување на оваа одлука и да ги извести Европските воздухопловни власти за забраната за влез во воздушниот простор на Северна Македонија за авио превозници регистрирани во Руската Федерација“, стои во владиното соопштение.

Од оваа одлука се изземаат хуманитарните и летовите кои се во случаи на итност, посочуваат од Владата.

Претходно, од Министерството за надворешни работи информираа дека преку воспоставениот коридор во соработка со бугарската влада, две семејства со македонски државјани од Одеса, веќе се евакуирани и се очекува во текот на денот да пристигнат во Бугарија.

Од министерството упатуваат апел до македонските граѓани кои се наоѓаат на територијата на Украина, доколку се во можност, да се упатат во Одеса, во просториите на Генералниот Конзулат на Република Бугарија, од каде сѐ уште има активни коридори за евакуација.

„Информираме дека сме во постојан контакт со Властите на Романија и Унгарија, од каде исто така е остварена соработка и овозможена асистенција за нашите државјани кои се наоѓаат во Украина. Граѓаните кои се во можност треба да се упатат во западниот дел на Украина, кон Конзулатите на Романија во Солотвино и Чернаути, како и кон конзулатите на Унгарија во Узгород, Берегове и Мукачево. Информираме дека на овие локации ќе им биде пружена дополнителна помош и асистенција во насока на нивна евакуација од Украина преку овие земји. Во постојан контакт сме и со Властите во Молдавија, од каде исто така имаме добиено потврда за вклучување на нашите државјани во евентуалните нивни коридори за евакуација“, се наведува во соопштението на МНР.

Оттаму информираат дека е активиран и механизмот на ЕУ за цивилна заштита, и за евентуално новите воспоставени коридори МНР дополнително ќе информира.

„Оние наши државјани кои сѐ уште не оставиле свои податоци, веднаш да го контактираат Министерството за надворешни работи, со цел достава на прецизни податоци и информации за нивната локација и состојба, со цел да се оствари можност да бидат дел од координацијата на процесот за евакуација“, велат од МНР.

Потсетуваат дека дежурниот телефонски број +389 75 273 732 е постојано активен.