Владата со 30 милиони денари потпомогна 11 печатени медиуми

Владата на Република Северна Македонија со  распределување на 29.999.999 денари потпомогна 11 печатени медиуми, како дел од програмата за поддршка на печатените медиуми, за која велат дека е дизајнирана во насока на заштита на плурализмот во областа на медиумите во соработка со сите засегнати страни, информираа тие. Програмата се реализира веќе трета година по ред.

Од вкупно 14 пристигнати барања, Комисијата формирана од Генералниот секретар одобрила 11 барања.

„Комисијата утврди дека сите барања имаат уредна и комплетна документација, но утврдено е дека 3 се специјализирани изданија, а основниот критериум е корисници  на овие средства да бидат печатените медиуми од општ информативен карактер кои објавуваат содржина насочена кон непрекинато информирање на јавноста за тековните политички, економски, социјални и културни прашања“, стои во владиното соопштение.

Во меѓувреме, тие посочуваат дека висината на одобрената поддршка е утврдена врз основа на доставените фактури за календарската 2019 година, и додаваат дека таа е дефинирана со договор потпишан помеѓу Генералниот секретаријат и избраните корисници врз основа на Записник за евалуација и Извештај на одобрени барања.

Табела со сумите исплатени кај секој од 11-те медиуми

„Финансиска поддршка е доделена на оние печатени медиуми кои ги имаат исполнето сите обврски кон државата и кон вработените за 2019 година. Согласно предвидениот буџет за 2020 година, на печатените медиуми на македонски јазик исплатени се средства во висина од 36,8% за направените трошоци за печатење и 36,8% за трошоците за дистрибуција, а на печатените медиуми кои се издаваат на јазиците на етничките заедници во висина од 50,8% за направените трошоци за печатење и 50,8% за трошоците за дистрибуција. Комисијата едногласно одлучи, остатокот на средствата од вкупниот буџет да ги додели на регионалните медиуми и тоа по 15.833 денари на ‘Зенит’, ‘Битолски весник’ и ‘Штипски глас’“, се додава во нивното соопштение.

Од Владата порачуваат дека се целосно посветени на поддршка на квалитетното и професионално новинарство и почитување на етичките стандарди во медиумите

„Остануваме отворени за изнаоѓање на транспарентно системско решение, во инклузивен процес со сите засегнати страни од сферата на медиумите“, додаваа тие.