Долгонајавуваните ваучери за електронски уреди конечно станаа достапни за студентите, но нивното распределување не помина без серија проблеми уште во првиот ден. Студентите, како што самите посочуваат коментирајќи на објави на социјалните мрежи, се соочиле со технички и административни пречки, нејасни правила и пад на системот. Од друга страна, портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција се пофали дека организацијата на постапката била брза, критериумите биле јасни, системот за доделување и реализација на ваучерите бил технички усогласен, а процесот бил транспарентен, пренесува агенцијата Мета.мк.
Според дел од студентите, пак, првата пречка се појавила веднаш по отворањето на системот за аплицирање. Платформата за дел од нив велат дека била недостапна со часови, а некои велат дека целиот ден немале пристап. Поради тоа, како што посочуваат, не можеле да се најават и навреме да поднесат апликација.
Но, најголемата забуна се случила со студентите на постдипломски студии, кои како што велат, најпрво добиле пораки дека нивното барање е прифатено, а потоа уште една порака во која се вели дека немаат право на ваучер затоа што се студенти на втор циклус студии.

Фото: принтскрин на социјални мрежи, објава на Студентарија.мк
Иако Законот за ваучери јасно наведува дека право имаат само студентите на додипломски студии, во јавниот повик за аплицирање таков услов не бил наведен. Како последица, студентите на мастер аплицирале бидејќи немало никаква официјална индикација дека се исклучени од мерката.

Фото: Принтскин, јавен повик
Од Владата тврдат дека целата ситуација произлегла од техничка грешка, а не од неправилна обработка на податоците или промена на критериумите.
„Во врска со Вашите прашања Ве информираме дека не се доделени ваучери на студенти на мастер студии. Стануваше збор за технички предизвик кој беше надминат во брзо време. Законот е јасен, во членот 1 е предвидено дека право на ваучер имаат само студентите на додипломски студии. Процесот го водиме максимално транспарентно, како Влада сме исклучително задоволни од искористеноста на мерката што само по себе е потврда за успешноста на мерката“, велат од Владата за Мета.мк.
Студентите се обратиле до Инстаграм страницата Студентарија за да ги споделат нивните нивните искуства и се прашуваат што ќе се случи со студентите на мастер доколку добиле ваучер и веќе го искористиле.

Фото: принтскрин, објава на Студентарија
Според портаролката на Владата, Марија Митева, заклучно со вчерашниот ден се доделени вкупно 33.682 ваучери во вредност од 15.300 денари. Од нив, веќе 11.500 студенти успешно го реализирале ваучерот и веќе подигнале нов електронски уред.



