Владата се откажа од ДДВ-то на донациите за Србија и БиХ

Македонската Влада на утрешната седница ќе донесе одлука со која државата ќе се откаже од данокот на додадена вредност на донациите кои преку телефонските линии се собираа за настраданите од поплавите во БиХ и Србија, изјави денеска владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, пренесе агенцијата МИА. Според проценките, сумата од данокот би изнесувала околу 22 илјади евра.

Владата се откажа од ДДВ-то на донациите за Србија и БиХ

Оваа одлука доаѓа по реакциите на повеќе граѓани и барањата на социјалните мрежи Владата да го укине ДДВ-то за хуманитарна помош и донации. Со секој телефонски повик на граѓаните со кој се донираат 100 денари, државата дополнително наплаќа 18 денари за ДДВ.

На телефонските линии за донација на Црвениот крст преку трите мобилни оператори 075/070/077 143 400, заклучно со 12:00 часот денеска, во хуманитарната акција наменета за настраданите од поплавите во Србија и БиХ, собрани се 7.300.000,00 денари или речиси 120 илјади евра, соопштија денеска од Црвениот крст на Република Македонија.

Претходно и хрватската Влада преку Твитер соопшти дека се откажува од данокот на додадена вредност за сите повици со кои се донираат пари за настраданите во поплавите во Србија и БиХ и целата сума ќе биде пренасочена кон примателите на донациите.