Владата одлучи да се укине ПЦР тестот за Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина

Владата донесе одлука од понеделник да се овозможи непречен влез на странските државјани од Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина без потреба тие да приложуваат ПЦР тест за Ковид-19, објави премиерот Зоран Заев на неговата Фејсбук страница.

„Во овие земји, за кои нивните граѓани досега имаа обврска при влез/транзит во нашата земја да приложат негативен RT PCR SARS CoV-2 тест, по принципот на реципроцитет е договорено и нашите граѓани да патуваат во овие земји, без обврска да приложат негативен тест“, стои во објавата.

Одлуката, како што се посочува таму, е донесена по предлогот на Комисијата за заразни болести, кои сметаат дека досега нема индикации или висок број на позитивни случаи од странските земји, односно, дека нема ризик по јавното здравје.

Дополнително, таму се посочува дека Владата апелира патувањето да се сведе на минимум и исклучиво за неодложни потреби, со целосно и доследно применување на мерките за лична заштита од Ковид-19.