Владата најавува реновирање на студентски домови, „Стив Наумов“ прокисна од есенскиот дожд

Прокисна дел од кровот во студенсткиот дом „Стив Наумов“ во Скопје. Дождот кој почна да врне утрово, направи проблем кај  студенти сместени во домот, кои беа принудени да поставуваат кофи за да се собира водата, покажува видеото објавено на социјалните мрежи.

Истовремено заменик-министерот за образование и наука Петар Атанасов го посети домот „Гоце Делчев“ во Скопје, каде соопшти дека сo 2,3 милиони евра се реконструираат блоковите В и Г за околу 1000 студенти, а најави дека догодина ќе се менува и мебелот, за 85 илјади евра.

„Во Буџетот за 2019 година веќе се издвоени 30 милиони денари за реконструкција и обновување на неколку студентски домови, но се издвоени и 30 милиони денари со што ќе продолжат активностите за подготовка на проектна документација за изградба на нова зграда во склоп на студентскиот дом „Стив Наумов“. Овие 30 милиони денари ќе бидат употребени за проектната документација за новата студентска зграда со 600 до 700 легла“, изјави Атанасов, честитајќи го вчерашниот, Меѓународен ден на студентите.

Тој иформираше дека Владата ќе додели седум милиони денари за „Пелагонија“ и речиси 79 милиони денари на Државниот студентски центар, во чиј склоп се четири домови: „Гоце Делчев“, „Стив Наумов“, „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Невена Георгиева-Дуња“ т.е. Медицинар, кој е затворен.

Директорот на Државниот студентски центар Дарио Николовски пак се пожали дека студентските домови со години биле запуштани и најави враќање на дел од долговите кои ги имаат. При посетата беше соопштено дека се работи на воведување надворешен видеонадзор во домовите, ќе се заменуваат старите возила за разнесување храна, а ќе се воведувало ново мени и студентска картичка.