Демократијата живее преку плурализмот, слободата на различни мислења и отворената, квалитетна дебата – тоа е единствениот пат што води кон вистински општествен напредок. Ограничувањето на демократијата неминовно води кон едноумие, ограничување на слободите и правата што кулминира со автократија, истакнуваат независните кандидати и бараат Владата и Собранието итно да ја спроведат одлуката на Уставниот суд, како и да се изврши автентично толкување на Изборниот законик во однос на тоа дали се овозможува учество на независните кандидати на претстојните локални избори без собирање потписи.
Тие Одлуката У.бр.186/2024 (Сл. весник бр. 116/2025) на Уставниот суд ја преточија во барања кои ги поднесоа уште во мај годинава до Собранието, Претседателот и сите координатори на партиите, како и Министерство за правда. Меѓутоа, како што велат, на еден месец пред распишување на изборите, има предлог на Изборниот законик кој не е изгласан, кој е спротивен на Уставот и одлуката на Уставниот суд и со кој повторно се зголемува бројот на потписи потребни за кандидирање на независни кандидати. Предложениот број на потребни потписи е од 100 до 1.000 и 3.500 за Град Скопје.
„Бараме сите инволвирани во постапката, членовите на Владата и пратениците во Собранието, да ја завршат во најбрз можен рок промената во Изборниот законик почитувајќи ги сите правни стојалишта изнесени од Уставниот суд, а поврзани со Одлука У.бр.186/2024 за укинување на противуставните измени на Изборниот законик („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.58/2024), со кои се предвидуваа 1% на потребни потписи од вкупниот број на избирачи за кандидирање на независни листи, како и да го толкуваат сегашниот статус на независните кандидати на претстојните избори“, истакнуваат независните.
Тие информираат дека не добиле ниту одговор на барањето за итна средба со претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по изминати десет дена.
„Како член на Групата независни експерти за Европската повелба за локална самоуправа при Совет на Европа во Стразбур и експерт на ОН за избори од 1998 година до денес, поранешен професор по Уставно право и Локална самоуправа, очекувавме сосема спротивно однесување и покажување државнички и демократски капацитет, а не комплетно игнорирање на чекор пред распишување на изборите, кога имаме правна несигурност и доведување во прашање на уставно загарантираните права за илјадници граѓани“, велат независните.
Исто така, на нивното барање за итна средба со координаторите на пратеничките групи во Собранието, само ВМРО-ДПМНЕ не одговориле, ниту со средба, по изминати две недели.
„Останува средба со координаторот на ЗНАМ во текот на следната недела. Барем така е најавена, по втор пат“, забележуваат тие.
За пратениците согласно закон, секој петок е ден за нивни контакти со граѓаните и избирачите во изборните единици. Оттука, сметаат независните кандидати, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не само што се однесуваат крајно непрофесионално, неприфатливо, недемократски, туку и со одбивање средба дрско го погазуваат законот.
„Дополнително што барањето е од претставници на локалната самоуправа, независни советници во врска со измени на Изборниот законик со кои се уредуваат нашите уставно загарантирани права на кандидирање за јавни функции“, додаваат тие.
Барањето за автентично толкување во нивно име го поднесе пратеничката на ЛДП Моника Зајкова и истото е доставено до Владата која треба да даде мислење.
„Најголем дел од поставените прагови надминуваат 1% од избирачите што е решение полошо од тоа што Уставниот суд го укина во мај годинава. Од една страна има противуставен предлог за повторна измена на Изборниот законик, од друга страна нема официјално толкување за сегашната состојба со укинатите два члена од страна на Уставниот суд, со кои се одредува бројот на потписи потребен за кандидирање на независните“, сумираат независните.
Паралелно, додаваат, во Службен весник на РСМ во редакциски пречистениот текст на Изборниот законик во сила се старите одредби на членовите 61 и 62 кои се однесуваат на собирање на потписи за независните кандидати.
„Според овие одредби бројот на потребни потписи се движи од 100 до 450 и 1.000 за Град Скопје. Комплетна конфузија и правна несигурност за независните кандидати непосредно пред изборите. Сите останати барања се игнорирани, иако се од суштинска важност“, нагласуваат тие.
Независните кандидати повторно ги наведуваат нивните барања:
- Да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидат/и, по пример на бројните европски држави;
- Да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји;
- Да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена;
- Да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот;
- Да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидат/и за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка;
- Да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.
Зад барањата стојат независни советници од Независни за Карпош – За заштита на Карпош во Општина Карпош, независни советници од Шанса за Центар во Општина Центар, независни советници од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД во Град Скопје, независни советници од Поинаку во Општина Битола, независни советници од СТИГА Е во Општина Струмица, Општина Босилово и Општина Ново Село, поранешни независни советници од Më mirë për Tetovën / Подобро за Тетово во Општина Тетово и граѓанска иницијатива Зелените од Гази Баба.