Организацијата за човекови права ЦИВИЛ им го честита 1 Мај на сите работнички и работници во Македонија и во светот и потсетува дека овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се подобрат условите за работа и почитувањето на достоинството и правата на работничките и работниците.
„Работничкото незадоволство е сè поголемо во Северна Македонија. Потрошувачката кошница е во пораст, а платите остануваат исти. Нема зголемување предвидено со колективните договори, Владата и работодавачите немаат слух за работниците и зголемување на минималната плата на 500 евра и останатите плати најмалку 100 евра, а условите за работа во многу работни средини сè уште не ги исполнуваат стандардите“, истакнуваат од ЦИВИЛ.
Како што велат, работниците во Македонија се меѓу најслабо платените во Европа. Тие често не примаат ни минимална социјална, здравствена и правна заштита. Дел од работниците, додаваат оттаму, работат во ужасни услови, најчесто без основни средства за заштита на работното место. Исто така, посочуваат дека мобингот сѐ уште е присутен, а законската заштита од него останува недоволно видлива.
„Во земја во која работникот е со наведната глава пред неправдата, за да си го зачува работното место, зависен од политичките афилијации и нивната волја, како и врските што ги имаат со работодавачите, се покажува тешко да се извојуваат права кои им следуваат според закон, но и според Устав“, сметаат од организацијата.
Дополнително иселувањето, сиромаштијата, несигурноста, условите за работа, заштитата при работното место, здравството, образованието и можностите за доквалификација или преквалификација – се исто така дел од сите неволји со кои се соочува работниот човек, како во нашата, така и во повеќе земји низ светот, нагласуваат оттаму.
„На Меѓународниот ден трудот, уште еднаш, гласно бараме од синдикатите, граѓанските организации, политичките партии и сите што се декларираат дека се борат за социјална правда и работнички права, тоа да го прават искрено, секојдневно и да не се откажуваат од борбата и заложбите за почитување и заштита на работничките права, одговрни во заложбите за надминување на социјалните неправди и кршењето на човековите права и слободи!“, апелираат од организацијата.
ЦИВИЛ бара од сите одговорни институции решително да ги заштитат работничките права, затоа што, како што велат, задоволен работник е продуктивен работник, кој не помага само на секторот во кој работи, туку и економскиот и социјален стандард на државата.