Владата го смени ставот – фирмите кои ќе користат помош не смеат да намалуваат вработени освен во посебни случаи

По бројните реакции во јавноста на владината одлука од пред два дена, со која фирмите кои ќе користат државна помош ќе можат да отпуштаат одреден процент од вработените, денеска Владата ја дополни оваа Уредба со законска сила и пропиша посебни услови под кои фирмите ќе можат да го намалат бројот на вработени.

Со дополнетата Уредба работодавачот кој ќе користи финансиска поддршка за исплата на плати, не смее да го намали бројот на вработени во месец април 2020 година, како и два месеци после нејзиното престанување (заклучно со месец јули 2020 година), освен заради:

  • пензионирање и смрт на работник,
  • откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
  • откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
  • спогодбено преземање на работник,
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Уредбата определува дека вкупниот број на вработени кои исклучиво по овие основи би им бил прекинат или завршен работниот однос, заклучно со месец јули 2020 година не смее да биде повеќе од: 15% кај работодавач кој има до 50 вработени, 10% кај работодавач кој има од 51 до 250 вработени и не повеќе од 5% кај работодавач кој има над 250 вработени.

„Со промените, се потврдува, гарантира и засилува владината политика за спас на работни места во услови на криза предизвикана од коронавирус, се обезбедува заштита на работничките права, достоинствен приход и се оневозможува неправедно прекинување на работниот однос на работниците“, велат од Владата.

Вчера десетина синдикални организации и здруженија кои ги штитат работничките права побараа Владата да ја преиспита мерката со која фирмите кои ќе добиваат помош од буџетот да можат да отпуштаат работници и побараа одговорност од Министерката за финансии Нина Ангеловска. Подоцна, во текот на денот организациите оствариле средба со претставници на Владата на која бил дискутиран овој проблем.

Да не се дозволи отпуштања на работници и одговорност од Министерката Ангеловска, бараат синдикати и здруженија