Влада на Македонија воспоставува нова телефонска линија за директна комуникација со повредените и нивните блиски во трагедијата во Кочани – 070 355 526. Ќе ја управува Концеларијата на претседателот на Владата, а ќе биде активна од понеделник (9 јуни) и ќе функционира непрекинато, изјави денеска потпаролката Марија Митева.
„Преземањето на овие активности не се заклучоци донесени од канцеларија – тие се резултат на директна комуникација на терен, особено од страна на работната група за евалуација на повредените, која во изминатиот период работеше во непосреден контакт со семејствата и со медицинските тимови. Секое укажување и секој ненагласен апел – се земени предвид и вградени во оваа нова фаза на поддршка“, посочи Митева.
Во првата фаза, Владата ги повикува сите повредени и нивните семејства да се јават, да ги изнесат своите барања кои ги имаат, предлози и конкретни потреби.
„Оваа линија нема да биде само контакт – туку жив канал на комуникација, преку кој ќе се одржува дневна, неделна и месечна координација, со редовно информирање, и со персонализиран пристап за секој случај“, истакна потпаролката.
Според неа, Владата верува дека поддршката не смее да биде еднократка, туку е процес и знае дека здравствената и психолошката состојба на повредените се менува секој ден.