Влада: Училишниот прибор во книжарниците до 15 септември треба да биде 15% поевтин

Како дел од кампањата „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, Владата на 100-тата седница донесе одлука и ги задолжи трговците да ги намалат цените на училишниот прибор од најмалку 10% во трговија на големо и најмалку 15% во трговија на мало.

Според Владата, целта е да се спречи растот на цените на училишниот прибор пред почетокот на учебната 2025/2026 година, но и да се заштити животниот стандард на граѓаните.

„Со оваа одлука, трговците на мало и големо кои продаваат училишен прибор, односно ранци и ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи и пенкала (економични, пластични), дрвени и мрсни боици, пластелин, теста за моделирање, подлоги, фломастери и текст маркери, темперни, акрилни, водени бои и четки, линијари и дидактички материјали, острилки и гуми за бришење, детски ножици, футроли и етуи, лепило, шестар, дигитрони, украсна хартија, папки и картонски ташни и материјали за изработка се задолжуваат своите производи да ги продаваат по ограничена, т.е. намалена цена, односно најмалку 10% во трговијата на големо и најмалку 15% во трговијата на мало“, соопштуваат од Владата.

Од таму појаснуваат дека одлуката се однесува на период од 15 август до 15 септември 2025 година, а трговците се должни покрај новата намалена цена на производите да ја објават и старата цена која важела на 1 јуни, што се зема како базична цена за да се утврди намалувањето.

„Исто така пред влезот во продажниот објект или на друго истакнато место во продавницата, треба да биде јасно и видливо истакнат плакат со формат од најмалку А3, кој ќе содржи натпис ‘Помалку трошоци, повеќе за тебе’, кој е објавен на веб страницата на Министерството за економија и труд, како и натпис: ‘Попуст на училишен прибор’, од најмалку 15%’“, велат од Владата.