„Визер“ привремено ги суспендира летовите кон повеќе дестинации на Блискиот Исток

Авиокомпанијата Wizz Air соопшти дека привремено ги суспендира летовите до и од Саудиска Арабија, мерка што ќе важи до 7 март.

Од компанијата информираат дека одлуката е донесена поради актуелната безбедносна состојба на Блискиот Исток и претставува превентивна мерка со цел да се гарантира безбедноста на патниците и екипажот.

Претходно, авиокомпанијата најави и привремена суспензија на летовите до и од Израел, како и кон Дубаи и Абу Даби во Обединетите Арапски Емирати, како и кон Аман во Јордан. И овие летови се суспендирани до 7 март.

„Одлуката е донесена како превентивна мерка за да се гарантира безбедноста на патниците и екипажот, во услови на зголемени ризици и ограничувања во воздушниот сообраќај во делови од Блискиот Исток“, соопштија од компанијата.

Од Wizz Air додаваат дека патниците кои имаат резервирани билети за погодените дестинации ќе бидат навремено информирани за понатамошните чекори. Тие ќе имаат можност да изберат рефундација на средствата или промена на терминот на летот.

Компанијата апелира до патниците редовно да ја следат електронската пошта и информациите на официјалната веб-страница за најнови известувања поврзани со нивните резервации и евентуалните промени во распоредот на летови.

Фото: Unsplash.com