Растот на цените, променетите приоритети и повнимателниот пристап кон далечните патувања ќе влијаат врз тоа кој ќе ја посети Европа во 2026 година, покажува новото истражување „Лонг-Хол Травел Барометар 1/2026“, објавено од Европската туристичка комисија и „Еурејл“.
Анкетата опфатила испитаници од седум клучни прекуокеански пазари – Австралија, Бразил, Канада, Кина, Јапонија, Јужна Кореја и САД. Според резултатите, 42 отсто од испитаниците размислуваат за патување во Европа во 2026 година, што е за три процентни поени помалку од лани.
Меѓу оние кои не планираат патување во странство, најчеста причина се високите трошоци (52 отсто), како и зголемената ориентација кон патувања во сопствената земја или во поблискиот регион. Трошоците остануваат главна пречка за патување во Европа (43 отсто), особено кај младите на возраст од 18 до 34 години.
Сепак, безбедноста и понатаму е една од најголемите предности на Европа. За 51 отсто од испитаниците токму безбедноста е најважниот критериум при избор на дестинација, што претставува значителен раст во однос на претходната година. Европа е највисоко рангирана глобално според политичка стабилност, лична сигурност и низок ризик од природни непогоди.
Генералниот директор на Европската туристичка комисија, Едуардо Сантандер, оценува дека растот на цените претставува сериозен предизвик, особено за младите патници. Наместо намалување на цените, тој предлага создавање дополнителна вредност преку поттикнување патувања надвор од главната сезона, подобра железничка поврзаност, поддршка за сместувања прилагодени на младите и промоција на помалку познати дестинации.
Младите сè почесто избираат места што ги одразуваат нивните вредности – одржливост, инклузивност и еднаквост – при што подолгите престои и побавниот начин на патување можат истовремено да го намалат притисокот врз најпосетените дестинации и да го збогатат искуството.
Извор: Euronews
Фото: Freepik



