[Видео] Во тензична атмосфера помина затворањето на гласачките места на УКИМ

Во тензична атмосфера, со скршена врата од бифето на Правниот факултет и инцидент помеѓу претставници на Студентски пленум и друга група на луѓе, се затворија гласачките места на кампусот на УКИМ.

Според репортерот на Радио МОФ, гужвата настанала кога Пленумци се обиделе да ја вратат кутијата, при што имало и повредени.

Луѓето, кои не наликувале на студенти, влегле автомобил и се упатиле кон седиштетот на Студентскиот парламент, каде треба да се избројат гласовите. Дел од Пленумците веќе се упатија кон Студентскиот парламент.

Гласањето за нов претседател на СПУКМ денеска се одвиваше воглавно мирно, со повремени расправии помеѓу Студентски пленум и претставници на Студентскиот парламент. Започна нешто после девет, а конечно заврши во 16 часот.

Пленумот регистрираше голем број недоследности за време на изборите, вклучително и недостиг од паравани за гласање, соодветни кутии, ливчиња без сериски број и печат на кој пишува 2015 година.

На 23 факултети од скопскиот универзитет беа поставени изборни кутии, во кои студентите требаа да го остават својот за глас за еден од двајцата пријавени кандидати за позицијата претседател на Студентскиот парламент на УКИМ.

Стефан Василевски, кој ја има поддршката од шест матични студентски парламенти е едниот кандидат, додека неговиот конкурент е Давор Поповски, студент на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНKИ), зад кого застанаа седум матични студентски парламенти.

Репортерите на Радио МОФ активно ги следат студентските избори, а најинтересните моменти ќе може да ги проследете преку нашите прилози и видео стримот на Фејсбук страницата на Радио МОФ.